Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Историја на пчелите“ од норвешката писателка Маја Лунде на македонски јазик

„Историја на пчелите“ комбинира футуристичка дистопија и историска фикција за да го вклучи алармот во врска со сѐ помалата популација на пчелите

Издавачката куќа Антолог од Скопје во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ ја објави книгата „Историја на пчелите“ од норвешката писателка Маја Лунде. Преводот на македонски јазик е на Искра Бадева.

Англија, 1852 година. Вилијам е биолог и трговец со семиња, кој започнува со изградба на нов тип кошница за пчели, која нему и на неговите деца ќе им донесе и слава и чест.

Маја Лунде

САД, 2007 година. Џорџ е пчелар кој залудно се бори против модерното пчеларство, но се надева дека неговиот син ќе биде нивното спасение.

Кина, 2098 година. Тао рачно нанесува полен на овошните дрвја затоа што пчелите веќе одамна се исчезнати. Кога по една трагична несреќа властите ќе го одведат нејзиниот син, таа тргнува на опасно патување за да открие што се случило со него.

Книгата ги обединува минатото, сегашноста и една застрашувачка иднина во возбудлива приказна која е сложена како саќе. Просветлувачка и одлично опишана врска за моќната поврзаност меѓу децата и родителите како и за нашиот однос кон природата и човештвото.

„Историја на пчелите“ на прекрасен начин воведува една исклучително важна тема во светот на литературата – климатската проза, која ни предочува дека ние како човештво сме зависни од добросостојбата на пчелите и на другите инсекти. Сѐ додека тие се во опасност, и ние сме во опасност.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Маја Лунде (1975) е норвешка писателка и сценаристка. Има напишано десет книги за деца и млади. Авторка е на сценарија за норвешката телевизија, претежно за популарни детски серии. Своето книжевно деби го имала во 2012 година со трилер чие дејство се одвива во 1942 година. Во 2015 ја има добиено наградата на норвешките книжари за „Историја на пчелите“, која е и првиот роман во нејзината серија за луѓето и климатските промени. Живее во Осло со сопругот и трите деца.

Искра Бадева (Скопје, 1980 година) има завршено студии по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Интензивно работи на преводи на романи и детска литература од норвешки, шведски, дански и фински јазик. Добитник е на наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија. Има преведено повеќе од педесет дела на актуелни скандинавски автори, меѓу кои се Сара Омар, Мерта Тиканен, Ерленд Лу, Туве Јансон, Пер Петешон, Марија Пар, Ју Несбе, Маури Кунас, Лиса Аисато, Геир Гуликсен, Катри Липсон, Томас Енгер, Ида Хојер, Рој Јакобсен и други, како и избор драми од Хенрик Ибзен.

Зачлени се на нашиот е-билтен