Брисел ја пушти во оптек најострата енергетска мерка од почетокот на руската инвазија: првпат санкции директно кон рускиот гас, и тоа со забрана за увоз на течен природен гас (ЛНГ). Европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен вели дека ова „значително ќе го забрза“ исфрлањето на рускиот гас од Европа, со таргет 1 јануари 2027 – една година порано од претходните планови, доколку сите 27 членки дадат „да“.
Пакетот е 19-ти по ред и покрај ЛНГ вклучува удар врз „сенковата флота“ танкери, банки и посредници што помагаат вообиколување. Политичкиот контекст е жесток: Унијата веќе санкционира нафта и јаглен, но гасот беше недопрен; сега, под засилен притисок и од Вашингтон, Комисијата го менува курсот. Паралелно ќе тече законодавна рамка за постепено гасење на увозот на цевководен гас и нуклеарни горива од Русија.
Бројките ја објаснуваат ургентноста: минатата година ЕУ плати околу 21,9 милијарди евра за руска енергија; само ЛНГ-увозот од Русија беше над 20 милијарди кубни метри, со Франција, Белгија, Шпанија и Холандија меѓу главните влезни точки. Но санкциите мора да бидат едногласни – сите погледи се вперени кон Будимпешта и Братислава, кои традиционално ветоираат енергетски мерки.
Ова не е само техничко затворање на вентил, туку тест за европската стратегија: може ли ЕУ да го скрати рускиот енергетски приход без да создаде нова зависност, овојпат од американски ЛНГ? Комесарот уверува дека диверзификацијата ја штити безбедноста на снабдување и цените, но преговарачката математика останува сурова – едно „не“ од членка го стопира цел пакет. Ако помине, европското напуштање на рускиот гас ќе добие датум, а Москва – уште еден сериозен удар по приходи.