Францускиот Парламент усвои амандман со кој „согласноста“ официјално се вклучува во правната дефиниција за силување и сексуален напад — што се смета за историска промена во борбата против сексуалното насилство, јави Би-Би-Си.
Досега, законот во Франција силувањето го дефинираше како „секој облик на сексуална пенетрација извршена со употреба на насилство, присила, закана или изненадување“. Со новиот амандман, секој сексуален чин извршен без согласност на другата личност се смета за силување.
Во законот се прецизира дека согласноста мора да биде „слободна, информирана, конкретна, претходна и повлечлива“. Таа не може да се претпостави врз основа на „молчење или недостиг на реакција“.
Промената беше поттикната од случајот со Жизел Пелико, чиј сопруг со години ја дрогирал и дозволувал други мажи да ја силуваат додека била без свест. Во тој случај беа осудени 50 мажи, а дел од нив се бранеа дека не знаеле дека жртвата не може да даде согласност — правна празнина што новиот закон ја елиминира.
И покрај критиките дека промената ќе ги претвори интимните односи во „договори“, највисокиот француски административен суд оцени дека амандманот го зајакнува основното начело на лична и сексуална слобода.
Според организацијата „Амнести интернешнел Франс“, со ова Франција се приклучува на земји како Шведска, Германија и Шпанија, кои веќе имаат закони за силување засновани на согласност.
