Историски удар: Саркози остана без Легија на честа

Поранешниот француски претседател Никола Саркози е исклучен од највисокото државно одликување — Легијата на честа — поради пресудата за корупција и тргување со влијание. Одлуката, потпишана со указ објавен во „Службен весник“ на Република Франција, го прави само вториот поранешен шеф на државата кому му е одземено ова признание, по озлогласениот нацистички соработник Филип Петен во 1945 година.

Саркози (претседател 2007–2012) беше осуден во 2021 година, а пресудата ја потврди Апелациониот суд во 2023 — тој се обиде да поткупи судија за доверливи информации во истрага што го засегаше. Наместо затвор, доби една година носење електронска нараквица, што во декември ја верификува и Касацискиот суд.

Покрај ова, поранешниот претседател во март годинава се соочи со ново судење за наводно незаконско финансирање на победничката кампања во 2007 година со пари од Либија; обвинителството побара седумгодишна затворска казна, а пресудата се очекува во септември.

Зачлени се на нашиот е-билтен