Истрага: Неодговорниот премиер и доцниот карантин придонесоа за 23.000 смртни случаи од коронавирус во Англија

Задолжителниот карантин беше воведен на 23 март во Обединетото Кралство, три месеци по почетокот на епидемијата што започна во Кина и се прошири низ целиот свет.

Околу 23.000 смртни случаи можеа да бидат избегнати во Англија доколку првиот карантин на почетокот на пандемијата на коронавирус беше воведен порано, според наодите од истрагата објавена денеска.

-И покрај ширењето на вирусот низ целиот свет, британската влада, тогаш предводена од конзервативниот премиер Борис Џонсон, ја сфати сериозноста на ситуацијата предоцна, покажуваат наодите.

„Овој недостаток на итност и огромното зголемување на инфекциите го направија задолжителниот карантин неизбежен. Требаше да се воведе една недела порано. Резултатите покажуваат дека само во Англија ќе имало приближно 23.000 помалку смртни случаи за време на првиот бран на пандемијата, до јули 2020 година“, се истакнува во извештајот.

Задолжителниот карантин беше воведен на 23 март во Обединетото Кралство, три месеци по почетокот на епидемијата што започна во Кина и се прошири низ целиот свет.

Велика Британија регистрираше 226.000 смртни случаи – еден од највисоките во Европа поврзан со пандемијата на коронавирус.

Извештајот укажува на одговорноста на тогашната влада, која на почетокот на 2020 година беше оценета како премногу „оптимистичка“ во врска со ширењето на вирусот.

Се додава дека ставот на самиот Борис Џонсон, премиер од 2019 до 2022 година, „ја поткопал сериозната порака што требало да ја пренесе на јавноста“.

Февруари 2020 година бил „изгубен месец“ и недостатокот на одговор од страна на владата бил „неоправдан“, се наведува во истрагата.

Се додава дека „токсичната и хаотична“ култура на однесување на Даунинг стрит на почетокот на пандемијата го попречила „интелигентното донесување одлуки“.

Забавите во резиденцијата на премиерот – наречени „партигејт“, кои подоцна придонесоа за падот на Борис Џонсон – „ја поткопаа довербата на јавноста во официјалните одлуки“ и го зголемија ризикот Британците да престанат да се придржуваат кон карантинот, се вели во наодот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен