Околу 40 проценти од граѓаните на Косово изјавиле дека денес живеат полошо отколку во 2020 година и дека нивниот животен стандард е опаднат, покажува најновото истражување на компанијата „Valicon“.
Од друга страна, 34 проценти од испитаниците веруваат дека нивниот квалитет на живот се подобрил во изминатите години.
Најголема причина за незадоволството се растечките трошоци и инфлацијата, која загрижува дури 70 проценти од граѓаните. Поради тоа, 68 проценти изјавиле дека сè почесто купуваат во продавници со пониски цени, а 65 проценти велат дека користат акции и промоции како начин за заштеда.
Голем дел од населението се откажува од купување производи и услуги што не ги смета за неопходни, а нивото на штедење значително опаднало – само една петтина од граѓаните успева да штеди колку и претходно.
Дополнително, 54 проценти од анкетираните изразиле загриженост поради политичката ситуација во земјата.
Истражувањето било спроведено од 18 до 21 август 2025 година во земјите од Јадранскиот регион, вклучувајќи го и Косово, и покажува дека инфлацијата и политичката несигурност се двата најголеми извори на страв и неизвесност кај граѓаните.


