Истражување: Германците на летниот одмор трошеле по 130 евра дневно

Германците лани на главниот летен одмор во просек трошеле по 130 евра дневно, што е за осум евра, односно околу шест проценти повеќе во споредба со претходната година, покажува туристичка анализа на хамбуршката Фондација за прашања за иднината. Според податоците, просечниот одмор ги чинел 1.636 евра, приближно стотина евра повеќе отколку во 2024 година.

Анализата укажува дека дневните трошоци значително се разликувале во зависност од тоа дали одморот бил во Германија или во странство. Така, дневниот трошок на одмор во Германија пораснал за пет евра и достигнал 122 евра, додека во странство растот бил поизразен – за осум евра, на 128 евра во просек.

Најостар раст на трошоците е забележан кај дел од најпопуларните дестинации за германските туристи. Во Грција дневните трошоци, според анализата, пораснале за 42 евра и достигнале 147 евра, додека во Шпанија се зголемиле за 34 евра, на 143 евра дневно. Во објаснувањата се наведува дека ваквите скокови се сигнал за дестинациите да внимаваат со ценовната политика, особено во услови кога туристите сè почесто ги споредуваат вкупните трошоци и бараат алтернативи.

Од друга страна, дел од дестинациите станале релативно поповолни. Турција, според анализата, била поевтина во однос на претходната година – германските туристи таму трошеле по 108 евра дневно, што е за 16 евра помалку. Најголемо поевтинување е наведено за Хрватска: дневниот трошок паднал на 97 евра, односно за 28 евра помалку отколку во 2024 година. Во контекст на ценовните промени се споменува и дека Хрватска во 2023 година ја замени куната со евро.

Зачлени се на нашиот е-билтен