Истражување на МЕД: Дивиот растителен свет во Преспа контаминиран со 19 различни пестициди

Дивиот растителен свет во Преспанскиот регион е контаминиран со вкупно 19 различни пестициди, покажуваат резултатите од најновото истражување спроведено во рамки на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво (МЕД).

Истражувањето е реализирано од тим на Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводен од студентката Јована Данова, под менторство на проф. д-р Крсте Ташев. Целта била да се утврди дали постои секундарна контаминација со пестициди кај диворастечката флора во Преспанскиот регион, вклучувајќи го и островот Голем Град.

Анализите биле спроведени во две временски фази – во пролет и во есен – при што биле земени примероци од повеќе локации околу Преспанското Езеро, на различна оддалеченост од земјоделски површини. Резултатите покажале присуство на 10 пестициди во пролетниот и 12 во есенскиот период, при што вкупниот број на идентификувани супстанци изнесува 19.

Највисоки концентрации на пестициди биле утврдени во примероците собрани во околината на Претор и Ресен. Во Крани пестициди биле детектирани во пролет, но не и во есен, додека кај примероците од Стење состојбата била обратна. Охрабрувачки податок е тоа што кај примероците од крајбрежјето во близина на Стење и од островот Голем Град не биле пронајдени траги од пестициди во ниту еден од периодите на истражување.

Како најзастапени пестициди во двата периода се издвојуваат ацетамиприд, пириметанил и пираклостробин – супстанци кои често се користат во земјоделството и можат да имаат негативно влијание врз екосистемите доколку се акумулираат во природата.

Истражувачите посочуваат дека ова се првични, но сериозни индикатори за постоење на секундарна контаминација на природната флора во Преспа и укажуваат на потребата од подетални и континуирани испитувања, со цел навремена заштита на биодиверзитетот, животната средина и здравјето на луѓето.

Од Македонското еколошко друштво информираат дека во тек е нов повик за мали и средни грантови во рамки на Програмата „Д-р Љупчо Меловски“, наменет за млади истражувачи кои сакаат да спроведуваат научни и теренски истражувања од областа на екологијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен