Италија би можела да изгуби речиси половина од плажите до крајот на векот: Одморите сè повеќе стануваат луксуз

Истражувањата покажуваат дека промените се случуваат поради зголемувањето на нивото на морето, ерозијата на крајбрежјето, поплавите и климатските промени. 

Поради зголемувањето на нивото на морето, ерозијата и прекумерната градба по должината на брегот, Италија, до 2050 година би можела да изгуби една петтина од своите плажи, а до 2100 тој процент би можело да биде дури и 40. Во исто време, зголемените трошоци за живот и скапите лежалки го прават морето недостижно за многу граѓани, па затоа одморот на брегот сè повеќе станува луксуз. 

Овие информации се наведени во извештајот на Италијанското географско друштво каде истражувањата покажуваат дека промените се случуваат поради зголемувањето на нивото на морето, ерозијата на крајбрежјето, поплавите и климатските промени. 

Како Италијанците ризикуваат да ги изгубат своите брегови

Плажите се важен дел од италијанската култура и начин на живот – одењето на море, изнајмувањето лежалки, чадори и кабини се дел од традицијата за одмор. Сепак, во последните години бројот на посетители, особено во текот на работните денови, опаѓа, за разлика од викендите кога плажите уште се полни. Туристите, иако се присутни, трошат сè помалку за храна и пијалоци. 

Според, претседателот на Здружението на сопственици на плажни клубови и барови „Асобалнеари Италија“, Фабрико Ликордари, главната причина за падот на посетите е високата цена на живот, што влијае на куповната моќ на граѓаните. 

„Дури и со две плати, многу семејства едвај врзуваат крај со крај. Во такви околности, трошоците за одмор и забава се меѓу првите што се намалуваат“, објаснува Ликордари.

Цената за изнајмување лежалки и чадори стана честа тема на дискусија. Според здружението на потрошувачи „Алтроконсумо“, тие во просек, сега се поскапи  за 17 проценти отколку пред четири години. На пример, на плажите во регионот Лацио, тешко е да се најдат две лежалки и чадор за помалку од 30 евра на ден, додека во популарното одморалиште Галиполи во Пуља, таа цена достигнува 90 евра на ден. 

Дополнително, според податоците за 2024 и 2025 година, речиси една третина од Италијанците не можеле да си дозволат одмор, што дополнително ја продлабочува социјалната разлика помеѓу оние кои можат и оние кои не можат да уживаат во морето. 

Дали одморот станал луксуз? 

Според податоците на Евростат, дури 31,4 проценти од Италијанците, или повеќе од 18 милиони луѓе, не можеле да си дозволат ниту една недела одмор далеку од дома. Тоа е една од највисоките стапки во Европската Унија и покажува како морето, некогаш симбол на слобода и заедница, сè повеќе се претвора во луксуз. 

Како да се подобри пристапот до плажите?

Решението не е само во пониските цени на лежалките, туку и во подобар пристап до плажите и поефикасно управување со крајбрежјето. Според препораките на експертите, Италија би можела да го подобри пристапот до плажите со воведување регионални возови и автобуси кои би сообраќале до јавните плажи во текот на летото, со евтини билети и редовни поаѓања. Исто така, бесплатните плажи би можеле да добијат основни погодности како тоалети, тушеви и фонтани, финансирани од транспарентни локални даноци. 

Се предлага и воведување „ваучери за плажа“ за домаќинства со пониски приходи, по примерот на француските „Chèques-Vacances“, што би обезбедило прифатлив превоз и изнајмување лежалки. 

Новите концесии за плажи би можеле да вклучуваат задолжителен процент на простор наменет за јавни и достапни зони, јасно обележани и достапни за сите. 

Морето како општо добро 

Морето не треба да биде само бизнис, туку општо добро достапно за сите. За да се оствари ова, на Италија ѝ е потребна јасна, фер и транспарентна реформа на управувањето со крајбрежјето. Институциите би морале да ги слушаат граѓаните, локалните власти и операторите и да усвојат правила што овозможуваат фер пристап до морето за сите. Само на овој начин, морето повторно може да стане отворен и споделен простор, како што беше пред генерации.

Главните причини за исчезнување на плажите 

Главните причини за ерозија се зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени и континуираната ерозија на почвата. Прекумерната градба по должината на брегот, хотелите, апартманите и туристичките комплекси што создаваат вештачки бариери и ги спречуваат природните процеси на движење на песокот и брегот, исто така, придонесуваат за ова. 

Најранливи региони 

Регионите Сардинија, Кампанија, Лацио и Пуља се особено изложени на ризик, каде што, според проценките, повеќе од половина од уредените плажи би можеле да исчезнат. Последиците би можеле да бидат сериозни. Ерозијата би влијаела на туризмот, поморскиот транспорт и земјоделството. 

Според проценките, загрозени се и околу половина од пристанишната инфраструктура на Италија, 10 проценти од обработливото земјиште и делови од брегот како што се делтата на По и венецијанската лагуна.

Зачлени се на нашиот е-билтен