Европската унија минатата година произведе вкупно 62,2 милиони тони свеж зеленчук, што е за шест отсто повеќе од претходната година.
Најголеми производители беа Шпанија со 14,8 милиони тони, Италија со 13,9 милиони тони и Франција со 5,8 милиони тони, кои заедно сочинуваат 55 отсто од вкупното производство, објави денеска Евростат.
Производството на домати во ЕУ порасна за пет отсто на годишно ниво, на 16,8 милиони тони, на моркови за шест отсто, на 4,7 милиони тони, а на кромид за 11 отсто, на седум милиони тони.
Италија беше најголем производител на домати со 36 отсто удел во вкупното производство, а по неа следат Шпанија со 27 отсто и Португалија со 10 отсто. Најмногу моркови произведоа Германија со 18 отсто удел, Франција со 14 отсто и Полска со 12 отсто. Кромид најмногу произведоа Холандија со 26 отсто, Шпанија со 20 отсто и Германија со 12 отсто.
Во однос на овошјето, Европската унија во 2024 година произвела 24,3 милиони тони, што е за два отсто помалку на годишно ниво.
Најголеми производители на овошје во ЕУ се Италија со 5,4 милиони тони, Шпанија со 4,3 милиони тони и Полска со 4,1 милиони тони, а овие три земји заземаа 57 отсто удел во целокупното производство. Производството на јаболка во ЕУ е намалено за четири отсто, на 11,6 милиони тони, а најголеми производители беа Полска со 29 отсто удел, Италија со 21 отсто и Франција со 17 отсто. Производството на круши истовремено порасна за два отсто, на 1,9 милиони тони, а главни производители беа Италија со 24 отсто, Холандија со 17 отсто и Белгија со 15 отсто. Производството на праски беше концентрирано во Шпанија со 37 отсто, Италија со 33 отсто и Грција со 21 отсто, што е 91 отсто од вкупното производство и за два отсто повеќе од претходната година, се наведува на веб-страницата на Евростат.