Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Италијанска турнеја на романот „Америка“

Македонскиот писател Жарко Кујунџиски ќе престојува во Италија, каде што ќе учествува на две јавни презентации на италијанското издание на неговиот роман „Америка“ во рамки на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“.

Првиот настан ќе се случи на 6 јули во градот Мола ди Бари во просториите на книжарницата Libreria Culture Club Cafè. Настанот е со почетокот од 19.15, а освен авторот за книгата ќе говори и преведувачката на италијански јазик Маријанџела Бјанкофиоре. Разговорот со нив ќе го води Џулија Барбаненте, а извадоци од книгата ќе чита актерката Ангела Јуриљи.

Следниот ден, 7 јули 2023, во Полињано а Маре, Кујунџиски ќе учествува на 22-то издание на еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот Пуља – Il Libro Possibile. Разговорот со Кујунџиски е предвиден на главниот градски плоштад од 23 часот, а модератор на настанот ќе биде Маријанџела Бјанкофиоре.

Фестивалот „Ил либре посибиле“ се одвива 8 дена на различни локации во градовите Полињано а Маре и Виесте и е од меѓународен карактер со огромен медиумски интерес. Истиот го посетуваат голем број на читатели, а меѓу странските гости годинава е и познатиот шпански писател Фернандо Арабуру, автор на романот „Татковина“.

Фестивалот се одржува од 2002 година на иницијатива на културното здружение „Артес“, со цел културата и книгите да се „изнесат“ на плоштадите, а со тоа да се направи достапна за сите.
Фестивалот досега обединувал различни светови – добитници на Нобеловата награда, Пулицеровата награда, претприемачи, научници, актери, уметници и телевизиски личности – со цел да се дадат повеќе гледишта на реалноста и на литературата.

Како што веќе беше објавено оваа година, романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата од печат излезе паралелно во Македонија во издание на „Антолог“ и во Италија за светскиот пазар во издание на издавачката куќа „Besa Muci“.

Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Да замислиме две нешта: Америка да биде личност, а не име на континент и да биде тој, а не таа. Значи, си имаме работа со Америка Берти, триесетгодишен маж чие искуство може да се спакува во џеб од панталони. Едноставен како „извини“ и повлечен како мирно море. Америка Берти, тоа триесетгодишно дете со големо име и со скромни барања. Да вози велосипед наоколу, да лови риба, да игра со своите поќерки и по посетата на поштарот, во осаменост да минува часови со писмата што никој не знае од кого и од каде пристигнуваат.

Ајде сега да замислиме дека сме во Италија, од другата страна на Јадранското Море, и некаде меѓу Бриндизи и Монополи е скриено малото Тинтинио, место што го нема на географска карта, но во него гравитираат толку многу уникатни личности што го заслужува вниманието на светот.

Кога тие две нешта ќе се спојат – чудните навики на еден интровертен човек и љубопитноста на провинцијата што живее од секојдневниот џагор – се создава дело што го носи шармот на приказните што се паметат цел живот.

М-р Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар, главен уредник е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола.

Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013. Добитник е на голем број книжевни награди и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.

Романот Spectator е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.

Неделава од печат излегува уште еден превод на роман од Кујунџиски на странски јазик: со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија читателите ќе може да ја читаат „Сфинга на гневот“ на албански јазик. Македонски кандидат за наградата „Балканика“ за 2021 година на албански го преведе Бесник Емини.

Преведувачката на „Америка“ Маријанџела Бјанкофиоре (1981, Мола ди Бари) дипломирала македонски јазик и книжевност и англоамерикански јазици и книжевности на Универзитетот Л’Ориентале во Неапол, потоа специјализирала теорија и практика на литературниот превод на Универзитетот во Бари. Преведува од македонски, бугарски и од англиски јазик. Живеела од 2006 до 2017 година во Скопје, има преведено различни македонски автори како Луан Старова, Олег Дементиенко, Ката Ќулавкова, Драги Михајловски, Александар Прокопиев, Лидија Димковска, Влада Урошевиќ и Жарко Кујунџиски.

Преведувала за првата антологија посветена на македонската литература („Македонија. Книжевноста на соништата“) и ја уредила првата „Ромска антологија“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира