Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европскиот пакт за миграција и азил е усвоен и ќе стапи на сила за две години

Советот на Европската унија во вторник го потврди Пактот за миграција и азил, со што конечно го усвои овој пакет од 10 законски акти. Целосната реформа за управување со миграцијата и азилот беше усвоена од Европскиот парламент минатиот месец и сега, откако вториот законодавец ја потврди, останува само објавувањето во Службен весник, кое ќе следи за 20 дена.

Мирјана ВАСИЛЕВА

Советот на Европската унија во вторник го потврди Пактот за миграција и азил, со што конечно го усвои овој пакет од 10 законски акти. Целосната реформа за управување со миграцијата и азилот беше усвоена од Европскиот парламент минатиот месец и сега, откако вториот законодавец ја потврди, останува само објавувањето во Службен весник, кое ќе следи за 20 дена.

Одобрените прописи ќе почнат да се применуваат за две години, а дотогаш ќе важат постоечките правила. Земјите-членки, исто така, имаат две години да воведат промени во директивата за условите за прифаќање во нивното национално законодавство. Подготовките за имплементација на новиот пакт ќе треба да се направат во следните две години. Европската комисија следниот месец ќе претстави заеднички план за имплементација, врз основа на кој членките ќе подготват уште подетални национални планови. За тоа ќе има време до јануари 2025 година.

Тоа е еден од најкомплексните законски пакети за кој се преговараше осум години. Новиот пакт предвидува задолжителна солидарност меѓу државите во услови на мигрантски притисоци, побрзи и поефикасни процедури за азил и подобро управување со границите. Реформата се заснова на предлозите на Комисијата од 2020 година, откако претходниот предлог објавен во екот на големата мигрантска криза во 2015 и 2016 година пропадна.

Солидарност и побрза обработка на барањата

Главниот елемент на пактот е задолжителна солидарност меѓу членките во случај еден или повеќе од нив да се најдат под непропорционален миграциски притисок. Во тој случај, другите членки ќе можат да изберат помеѓу прифаќање баратели на азил од засегнатата земја-членка и финансиски придонес во заедничкиот фонд за грижа на мигрантите или обезбедување оперативна и техничка поддршка.

Новите правила предвидуваат дека луѓето кои не ги исполнуваат условите за влез во Европската унија ќе бидат предмет на темелен процес на проверка, вклучувајќи идентификација, собирање биометриски податоци и здравствени и безбедносни проверки во рок од најмногу седум дена. Земјите-членки ќе треба да воспостават независни механизми за следење за да обезбедат почитување на основните права.

Во Европската Унија е воспоставена заедничка процедура за признавање и повлекување на меѓународната заштита. Обработката на барањата за азил на границите на ЕУ во иднина ќе мора да биде побрзо, а роковите за неосновани или недозволиви барања ќе бидат пократки.

Европејците одлучуваат кој може да влезе во Европа, а не шверцерите, изјави претходно претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Гранада, каде што учествува на неформалниот самит на ЕУ на кој доминираат темите за миграција и проширување на блокот, пренесоа странските агенции,

Инаку пред шест месеци  амбасадорите на земјите-членки на ЕУ  постигнаа договор за регулација за кризни ситуации во случај на голем прилив на мигранти.

Барањата за азил во ЕУ на највисоко ниво од мигрантската криза во 2015 година

Бројот на барања за азил во 2023 година скокна за 18 отсто на 1,14 милиони, што е најголем број од мигрантската криза 2015/2016 година, покажаа во средата податоците на Европската агенција за азил (EUAA), пренесува Ројтерс.

Новите податоци најверојатно ќе додадат масло на веќе вжештената дебата за миграцијата и зајакнувањето на крајната десница пред серијата локални и национални избори низ Европа и на крајот изборите за Европскиот парламент во јуни.

Сиријците и Авганистанците го сочинуваат најголемиот број баратели на азил, покажуваат податоците на EUAA. Турските државјани ја сочинуваат третата по големина група баратели на азил, кои поднеле 82 отсто повеќе барања отколку една година порано.

Бројот на Палестинци кои поднеле барање за азил поради војната меѓу Израел и Хамас, се искачи на рекордни 11.600, сепак, оваа организација   забележува дека е тешко точно да се регистрира нивниот број, бидејќи повеќето земји на ЕУ не ја признаваат Палестина како држава.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново