Зеленски: Русија срамни со земја цела зграда, мора да биде казнета

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес побара Москва да биде казнета откако положи црвени рози на урнатините на станбена зграда во Киев, каде што 24 лица, меѓу кои три деца, беа убиени во руски ракетен напад.

Спасувачите ја завршија потрагата во уништената зграда, која беше погодена во четвртокот за време на најжестокиот руски воздушен напад врз украинската престолнина оваа година.

„Нашите спасувачи… работеа без престан повеќе од еден ден“, напиша Зеленски во апликацијата Телеграм откако посети локација во киевската населба Дрница, на левиот брег на Днепар, каде што положи цвеќе и разговараше со работниците. Тој додаде дека Русите практично срамниле со земја цел дел од зградата со ракета.

Русија, која започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, лансираше повеќе од 1.500 беспилотни летала и десетици ракети врз цели во Украина во текот на два последователни дена, велат украинските власти. Шест лица се убиени и во западна Украина, далеку од линиите на фронтот.

„Вака Русија никогаш не може да се нормализира – Русија која намерно уништува животи и се надева дека ќе остане неказнета. Потребен е притисок“, рече Зеленски, повторувајќи ги повиците до сојузниците да ѝ помогнат на Украина да ја зајакне својата воздушна одбрана.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили извршиле масовни напади врз Украина од 12 до 15 мај, објави руската државна новинска агенција РИА.

Властите во Киев го прогласија петокот за ден на жалост, а националните знамиња во градот со три милиони жители беа спуштени на половина копје. Сите забавни настани беа откажани или одложени.

Жителите донесоа цвеќе, плишани играчки и слатки на импровизираниот споменик во уништената станбена зграда. Министерството за внатрешни работи соопшти дека стотици спасувачи пребарувале 3.000 квадратни метри урнатини за време на 28-часовната потрага.

Градските власти соопштија дека се пронајдени 24 тела и дека околу 30 лица се спасени живи. Речиси 50 лица се повредени, а околу 400 побарале психолошка помош.

Украина возврати

Зеленски изјави дека првичните анализи покажуваат дека зградата била погодена од неодамна произведена руска ракета Х-101.

Москва негира дека намерно гаѓала цивили, но во текот на повеќе од четири години војна, таа често гаѓала станбени згради и друга цивилна инфраструктура низ цела Украина.

Украина, исто така, изврши напади со беспилотни летала врз Русија. Четири лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени денес во напад врз рускиот град Рјазан, во кој беа оштетени станбени згради, а беше погодена и неименувана индустриска компанија, изјави регионалниот гувернер. Украина потврди дека ја погодила руската рафинерија за нафта во Рјазан.

Најчитано