Иницијативата „Ниту една повеќе!“ ги повикува граѓаните на протест в недела, 8 ноември, во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје. Собирот е насочен против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.
Повод е смртта на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, случај што организаторите го посочуваат како фемицид. Според иницијативата, Билјана претходно пријавила насилство и закани по живот. Полицијата соопшти дека на 30 септември пријавила физички напад, а на 16 октомври судот изрекол привремена мерка за заштита.
„Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?“, прашуваат организаторите.
Иницијативата бара целосна и транспарентна истрага за смртта на Билјана и одговорност за секој утврден пропуст во постапувањето. Од Собранието бара итно да ги усвои измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Меѓу барањата се и враќање на поимот „род“ во прописите и програмите од кои бил отстранет и разрешување на функционерите што го оправдуваат насилството врз жените.
Приклучете се на маршот. Од паркот „Жена Борец“ ќе се продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а маршот ќе заврши пред Министерството за образование и наука

