Кога копнеете по крцкави грицки, повеќето луѓе помислуваат на чипс или переци, соленки. Но, постојат и хранливо богати алтернативи кои нудат исто толку задоволство. Регистрираната диететичарка Тереза ДеЛоренцо го истакнува печениот наут како одличен избор за грицка бидејќи е добар за вашето срце, мозок и дигестивно здравје.
Нутритивните придобивки од наутот
Како и чипсот, печениот наут може да биде солен, крцкав и лесен за јадење, но нутритивно, нема ништо слично со штетниот чипс. „Мојата омилена крцкава закуска за срцето, мозокот и дигестивното здравје е печениот наут“, вели ДеЛоренцо, професор по исхрана на колеџот Расел Сејџ. Таа сака да го прави сама со зачинување на исцеден конзервиран наут запечен во рерна додека не стане крцкав. Кога има малку време, таа се одлучува и за купената верзија, доколку ја има во блиската продавница.
За разлика од преработените грицки, печениот наут е мешункаста материја која му обезбедува на телото влакна и протеини од растително потекло.
Добро за мозокот и расположението
Печениот наут придонесува за здравјето на мозокот бидејќи содржи магнезиум, минерал кој е неопходен за правилно функционирање на нервниот систем. „Магнезиумот помага во учењето, меморијата и невропластичноста“, објаснува ДеЛоренцо. „Исто така, помага во намалувањето на воспалението и оксидативниот стрес, што помага во спречувањето на когнитивниот пад.“ Покрај тоа, магнезиумот може да го регулира ослободувањето на хормоните на стрес, со што влијае на анксиозноста и стабилноста на расположението, додава таа.
Порција од околу триесет грама печен наут содржи околу 35 милиграми магнезиум, или 7 до 9 проценти од препорачаниот дневен внес. За споредба, истата количина чипс содржи речиси половина помалку, околу 18 милиграми.

Заштита на срцето и крвните садови
Оваа ужинка, исто така, му помага на кардиоваскуларниот систем бидејќи содржи растворливи влакна. „Овие влакна помагаат во намалувањето на LDL, или „лошиот“ холестерол“, вели ДеЛоренцо. „Намалувањето на нивото на холестерол го забавува создавањето на масти во крвните садови, што може да го намали ризикот од срцеви заболувања.“
Порција печен наут содржи околу 6 грама влакна, што е 21 процент од препорачаниот дневен внес. За споредба, истата количина мини переци има помалку од еден грам влакна.
Дигестивен баланс
Истите влакна ги хранат и „добрите“ бактерии во вашите црева, што е од суштинско значење за добро варење. „Кога добрите бактерии доминираат, лошите бактерии се намалуваат“, вели ДеЛоренцо. „Оваа рамнотежа на бактерии во вашите црева спречува нивно ширење во други органи, што го намалува воспалението и ризикот од болести.“
ДеЛоренцо истакнува дека подобрувањето на здравјето на цревата може да го зајакне и вашиот имунолошки систем. Со ферментирање на диетални влакна, корисните цревни бактерии произведуваат масни киселини со краток синџир, соединенија кои помагаат во регулирањето на имунолошките реакции низ целото тело.
Иако истражувањата ја потврдуваат врската помеѓу влакната и имунитетот, не е директно докажано дека печениот наут сам по себе го зајакнува отпорот на телото. Сепак, неоспорно е дека тие обезбедуваат значително повеќе влакна од вообичаените крцкави закуски.

