Апсења и претреси во Куманово, група осомничена за изнуда и перење пари

кривична

Полицијата денес спроведе апсења и претреси во Куманово поради сомневања за изнуда, перење пари и несовесно работење во службата. Во акцијата се пронајдени пари и документација, а директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави кривична пријава против пет лица.

Меѓу приведените е Драган Петровски, познат како Штука, кој е осомничен дека ја организирал групата. Претресите ги спроведуваат службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според Јанев, собраните материјали упатуваат дека осомничената група дејствувала од 2021 година до денес. Тој изјави дека полицијата постапувала по доставена информација, но не прецизираше кога ја добила и колку долго траело прибирањето докази.

При претресите, според неговото објаснување, полицајците пронашле поголемо количество пари и документи што упатуваат на позајмување пари и изнуди. Врз основа на тие наоди бил предложен претрес и во нотарска канцеларија во Куманово.

Во проверките е вклучена и Народната банка. Јанев посочи дека се контролира менувачница на брат на еден од осомничените, за да се провери дали пронајдената готовина потекнува оттаму. Потеклото на парите и евентуалната поврзаност со активностите на групата допрва треба да се утврдат.

Обвинителството соопшти дека претресите се вршат за обезбедување докази за кривичните дела изнуда, перење пари и други приноси од казниво дело и несовесно работење во службата. Во првичното соопштение не е објаснето на кого се однесува сомневањето за несовесно работење.

Јанев најави одземање возила, телефони, документација и други предмети што можат да бидат важни за постапката. Кривичната пријава против петте лица ќе се подготвува во координација со надлежниот обвинител, а институциите најавија дополнителни информации по завршувањето на акцијата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?