Осуммина убиени во напади во Турција, осомничениот фатен во Ескишехир

Турција

Осум лица беа убиени, а едно е тешко повредено во вооружени напади во Турција на 5 ноември, на повеќе локации во провинцијата Афјонкарахисар. Осомничениот е фатен во соседната провинција Ескишехир, потврдија тамошните власти. Меѓу загинатите се и две наставнички.

Жандармериските екипи излегле на терен по пријава за пукање доставена до службата за итни повици 112. Во близина на селото Ајазини биле пронајдени тројца убиени, а уште тројца во близина на селото Кијир.

Во селото Јукаритандир биле пронајдени две ранети жени. Тие биле пренесени во болница, но починале и покрај медицинската интервенција. Уште едно тешко повредено лице е на лекување.

Локалната образовна управа потврди дека две од жртвите биле наставнички во училиштето во Јукаритандир, во округот Ихсаније. Во соопштението институцијата изрази сочувство до нивните семејства и до образовната заедница.

По нападите започнала потрага по осомничениот, која се проширила и надвор од провинцијата. Властите во Ескишехир соопштија дека е фатен во заедничка акција на полицијата и жандармеријата.

Според турскиот медиум Дикен, потрагата го одвела осомничениот во округот Сејитгази. Возилото што го користел било пронајдено заглавено во кал, а во него имало пушка и муниција.

Истрагата ја координира Главното јавно обвинителство во Афјонкарахисар. За случајот се ангажирани еден заменик на главниот обвинител и тројца обвинители. Во досегашните официјални информации не е наведен мотивот за нападите, ниту евентуалната поврзаност меѓу осомничениот и жртвите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?