Активисти од Италија и Албанија под мотото „Нелегален договор, глобален отпор“ протестираа во албанското пристаниште Шенѓин против договорот помеѓу Албанија и Италија за сместување на бегалци од африканските земји, фатени во меѓународни води, во Албанија.
Протестот се случува во време кога прифатниот центар во Шенѓин и кампот за сместување во Ѓадр се празни, откако суд во Рим го блокираше испраќањето на имигранти од Италија во Албанија.
Демонстрантите изјави дека протестите против овој договор ќе продолжат, бидејќи „сакаат подемократска Европа, Албанија и Италија“.
„Против овој договор се спротивставивме колку што можевме. Тоа е многу силен импулс да продолжиме со нашиот отпор не само против овој, туку и сите вакви договори. Европа што ја сакаме не е Европа на Мелони, не е Европа на Фон дер Лајен, не е Европа на Рама, туку на демократијата“, изјави еден од демонстрантите.
Договорот за прифаќање имигранти на 6 ноември минатата година, го потпишаа премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони, кој предвидуваше сместување на 3.000 имигранти месечно, односно 36.000 годишно, кои во Ѓадр требаше да го чекаат одговорот на барањето за азил.
Со италијанскиот брод „Либра“ во два наврати пристигнаа вкупно 24 имигранти, од Египет и Бангладеш, но и двете групи беа вратени назад, откако судот во Рим одлучил случајот да го испрати до Судот на правдата на ЕУ, бидејќи оценува дека споменатите две земји не се во групата безбедни земји.