Една година откако албанскиот парламент го ратификуваше контроверзниот договор за прифатни центри за мигранти од Италија, двата центри што беа изградени стојат празни. Нивната иднина останува неизвесна, пишува Дојче веле.
Сè е вратено во нормала и во Ѓадар и во Шенѓин во северозападна Албанија. Речиси точно една година откако албанскиот парламент го ратификуваше договорот за прифатен центар за мигранти со Италија, ниту еден мигрант нема во објектите изградени во овие албански градови.
Во ноември 2023 година, Италија и Албанија се договорија да ги префрлат мигрантите кои пристигнуваат во Италија, а договорот беше прифатен од албанскиот парламент на 22 февруари 2024 година. Рим ги презеде сите трошоци за изградба и беше планирано да се сместат до 36.000 мигранти годишно додека Италија не одлучи за нивните барања за азил.
Но, наместо мноштвото мигранти кои пристигнуваат во Италија преку Медитеранот, во овие центри пристигнале само неколку мигранти – кои потоа биле вратени во Италија бидејќи судот во Рим ја оспорил законитоста на таквото преместување. Таму престојувале вкупно 73 мигранти, најмногу од Африка и Јужна Азија, првата од трите групи пристигнала во Албанија на 16 октомври, по што на почетокот на ноември пристигнала друга помала група, а на крајот на јануари годинава нешто поголема.
Сите тие на крајот беа вратени во Италија откако Апелациониот суд во Рим донесе одлука дека мигрантите не можат да бидат задржани во Албанија додека Европскиот суд на правдата во Луксембург не донесе одлука дали земјите на потекло на барателите на азил се сметаат за безбедни за репатријација – со други зборови, нивните барања за азил беа одбиени. Пресудата се очекува дури на 25 февруари.
Со мигрантите во Албанија пристигнаа и италијански функционери и активисти од невладини хуманитарни организации, но и тие веќе се вратија во Италија „до понатамошно известување“. Меѓу нив беше и Франческо Фери од ActionAid, чија задача беше да го надгледува сместувањето на мигрантите во центрите во Албанија. Сега, Италија вели дека ја следат ситуацијата „од далечина“ и дека се подготвени да се вратат – доколку повторно пристигнат мигрантите.
Сите мигранти кои биле во Албанија се обиделе да стигнат до Италија или Малта од Либија со брод. Според Фери, сите се плашеле дека по целото патување, на крајот ќе бидат вратени во нивните земји на потекло.
„Најдовме поединци кои беа исплашени, збунети и дезориентирани. Не ја познаваа процедурата, не беа соодветно подготвени да поднесат барање за азил и беа во услови на изолација. Нивната ситуација јасно покажува дека овој договор со Албанија е систематско кршење на човековите права“, убеден е хуманитарниот работник.
Порталот „Инфомигранти“ објави дека италијанската влада всушност размислува да ги искористи овие центри за друга цел: една можност би била да ги смести мигрантите на кои веќе им е одбиен азил таму пред да се најде начин да ги вратат во нивната татковина. Но, Феро предупредува дека и тоа не доаѓа предвид и дека тоа исто така би било „сериозно кршење на човековите права“ и само би ја проширило практиката на градење вакви места во странство и префрлање на одговорноста од државните институции. За него единствената можна алтернатива е овие центри да се затворат и напуштат.