Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, оцени дека оставката на Ленче Ристоска е пример за висок личен и професионален интегритет, но истовремено го отвори и потешкото прашање, кој ќе одговара за одземањето на овластувањата во предмети што се во завршна фаза. Со тоа, фокусот од самата оставка се префрли кон последиците што тие одлуки можат да ги остават врз довербата во обвинителството и врз чувствителните предмети што ги водеше Ристоска.
Ивановска во настап за 4ТВ нагласува дека оставката не ја чита како повлекување, туку како потег што покажува интегритет во момент кога институцијата не успеала да испрати уверлива порака дека ќе ги заштити своите професионалци. Според неа, одземањето на овластувањата на обвинител кој веќе работи на случаи во завршна фаза може директно да се одрази врз ефикасноста, а токму тоа, во јавноста, ја отвора дилемата дали се слабее правдата токму таму каде што таа треба да биде најотпорна.
Оставката на Ристоска дојде истиот ден кога таа јавно порача дека повеќе не гледа простор ниту перспектива да работи во согласност со принципите за кои се залагала, а како клучна причина ги посочи одлуките на Советот на јавни обвинители и на новиот државен јавен обвинител. Во својата изјава таа наведе дека повлекувањето на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза сериозно ја ослабува позицијата на обвинителството и носи конкретни ризици за исходот на случаи што таргетираат висока корупција и криминал.
Во позадина на оваа одлука се и предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои ѝ беа одземени на Ристоска, а се однесуваат на финансиски злоупотреби поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески тврдеше дека потегот не е персонален, туку организациски и насочен кон поголема ефикасност, но токму по оставката и реакцијата на Ивановска, таа формулација сè потешко го гаси впечатокот дека институцијата влегува во нова криза на доверба. Кога обвинителка што водела чувствителни предмети заминува со порака дека системот повеќе не ѝ остава простор да работи според своите принципи, тогаш прашањето не е само кој ќе ги преземе предметите, туку што останува од сигурноста дека правдата ќе се движи без прекин и без сенка.