Повеќе од 2 билиони луѓе низ 50 земји во светот оваа 2024 година ќе одлучуваат за судбината на нивните општества преку различни форми на избори. Во многу од земјите, вклучувајќи ги САД и ЕУ, демократијата ќе биде ставена на тест.
Или, како што се констатира во написот на politico.com, од САД до Велика Британија и ЕУ, од Индија до Мексико и од Тајван до Индонезија, некои од стратегиски најважните земји во светот ќе одржат избори оваа година. Што се однесува до Русија, таму се очекува само потврдување на веќе зацврстената позиција на Путин.
„Демократијата е доведена во прашање насекаде – не само на места кои се слабо рангирани според истражувањата за демократските вредности, туку и во воспоставените демократии како САД и ЕУ“, вели Даниел Келемен, професор по јавна политика на Универзитетот Џорџтаун и експерт за правото на ЕУ, за politico.com.
Клучни изборни процеси во македонски контекст
САД
На 5 ноември во САД ќе се одржат претседателски избори и избори за Претставничкиот дом, кои би можеле да бидат повторување на 2020 година, доколку претседателот Џо Бајден се соочи со својот претходник Доналд Трамп. Исходот од изборите во САД ќе влијае на остатокот на светот и на глобалната политика.
ЕУ
Од 6 до 9 јуни ЕУ ќе одржи парламентарни избори за претставници во Европскиот парламент, како единствено транснационално Собрание, на кои учествуваат сите 27 земји –членки на ЕУ. Ќе се бираат 720 пратеници, а може да се кандиидарт членови на националните политички партии од земјите членки.
„Исходот може да има значително влијание врз тековната поддршка на Европа за Украина во нејзината војна против Русија, бидејќи неколку десничарски партии во Западна Европа изразија противење на обезбедување континуирана помош за тековните воени напори на Киев, пишува Forbes
ЕУ истовремено се соочува со растот на десно ориентираниот популизам, што ја става под ризик политика што таа ја води во рамки на своите, но и надвор од границите на Унијата.
Избори во Северна Македонија
На 24 април и на 8 мај во Северна Македонија ќе се одржат претседателските и парламентарните избори. Иако и двата изборни процеси се во редовен термин, одредувањето на конечниот датум за парламентарните избори, што подразбираше политички консензус меѓу власта и опозицијата, подлежеше на низа перипетии. Начинот на спроведување на изборите, изборната кампања и одлуката на граѓаните што ќе го искористат своето право на глас, ќе го одреди правецот на движење на државата: дали ќе го следи европскиот и демократски пат, што и покрај блокадата на уставните измени, уште е добро позициониран, или ќе ја втурне во сивилото н изолираноста предводена од крајно десничарски политики на опозициските партии обоени со националистички наративи.
Во таа насока, каква одлука на изборите ќе донесат САД и ЕУ, ќе влијае и на нашиот прогрес и аспирациите за влез во ЕУ, доколку победи демократијата, а уште повеќе доколку одлуката на граѓаните на Северна Македонија биде во корист на опозицијата.
Избори во светот
Украина – претседателските избори во Украина би требало да се одржат на 31 март. Датумот уште не е потврден, со оглед дека поради воени услови не се знае дали тие воопшто ќе се одржат. Со започнување на руската агресија, Украина прогласи воена состојба, а украинскиот закон не дозволува одржување на избори кога е на сила воената состојба.
Индија ќе одржи општи избори некаде пред јуни, на кои хинду националистичката партија Бхаратија Џаната на премиерот Нарендра Моди ќе се обиде да обезбеди трет мандат против коалицијата на опозициски регионални и национални партии наречена Индиска национална развојна инклузивна алијанса (ИНДИА).
Бангладеш одржаа избори на 7 јануари. Повеќе од 1.800 кандидати се бореа за 300 места во националниот парламент од вкупно 27 политички партии. Премиерката на Бангладеш Шеик Хасина го доби четвртиот мандат и со нејзината партија освои речиси 75 отсто од местата на општите избори во услови на бојкот од страна на Националистичката партија на Бангладеш (БНП) предводена од поранешната премиерка Каледа Зија, која моментално е во затвор. ОД САД изборите беа оценети како не фер и неслободни, придружени со низа нерегуларности.
Тајван претседателските избори ќе ги одржи на 13 јануари. Тројцата кандидати кои се кандидираат за претседател се Лаи Чинг-те од ДПП, за која се знае дека е уште повеќе наклонета кон независноста од Цаи, умерениот лидер на Куоминтанг, Хоу Ју-ји и поранешниот градоначалник на Тајпеј, Ко Вен-је од Тајванската народна партија. Доколку победи кандидатот на ДПП, како владејачка партија, Кина, чиј притисок е постојан од осамостојувањето на Тајван, предупреди на ризик од војна. Од друга страна, САД се голем поддржувач на Тајван, обезбедувајќи му средства за одбрана. Исходот од тајванските избори ќе биде клучен за Кина, но и за САД.
Мексико ќе одржи општи избори во јуни, кога се очекува да се избере прва жена лидер како штитеничката на актуелниот Андрес Мануел Лопез Обрадор (АМЛО), Клаудија Шејнбаум. Таа ќе се соочи со Ксочитл Галвез, кој ја предводи коалицијата на опозициските партии.
Јужна Африка изборите ќе ги одржи по мај на кои Африканскиот национален конгрес на претседателот Кирил Рамафоса се надева дека ќе продолжи со непречено владеење на власт од крајот на Апартхејдот во 1994 година.
Индонезија ќе одржи избори во февруари за претсетател, потпретседател и речиси 20.000 претставници за окружните, провинциските и националните парламенти.
Пакистан на 8 февруари ќе одржи парламентарни избори. Во моментот земјата ја раководи преодна Влада, откако поранешниот премиер Имран Кан, кој беше избран во јули 2018 година, беше сменет со гласање недоверба во април 2022 година.
Русија од 15 до 17 март ќе одржи претседателски избори. Како опонент на Владимир Путин се кандидираа Леонид Слуцки од националистичката Либерално-демократска партија и Владислав Даванков од Нови луѓе за изборите. Номинацијата на Екатерина Дунцова од група поддржувачи, која повикува на мир во Украина, Изборната комисија ја отфрли со образложение дека нејзината документација содржела грешки, вклучително и правописни грешки, а Врховниот суд на крајот ја отфрли нејзината жалба против одлуката. Путин се кандидираше како независен.
Подготви: Биљана Јордановска (ЦивилМедиа)