Изет Меџити е кандидат на Влен за градоначалник на Општина Чаир

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити е кандидат на Влен за градоначалник на Општина Чаир. Меџити беше градоначалник на Чаир три мандати, од 2005 до 2017 година.

Меџити на својот Фејсбук профил напиша: „Од срце ви благодарам! Претседателството е повик што не можам да го одбијам! Претседателството е обврска што понизно ќе ја исполнам! За Чаир, се согласив да ја напуштам Владата и да се вратам меѓу мојот народ. Верувам и сум сигурен дека го направив правилниот и правилен избор. Затоа што луѓето од Чаир заслужуваат лидер кој бил, е и секогаш ќе биде меѓу нив, секогаш достапен да им понуди помош и поддршка. Победа. За Чаир. Нека биде за наше добро!“

Противкандидат на Меџити од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ ќе му биде поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

На вчерашното Централното претседателство на партијата беа избрани кандидати за градоначалници во повеќе општини за претстојните локални избори.

Во Тетово кандидат на Влен ќе биде актуелниот градоначалник Билал Касами, во Струга Влен ќе го поддржи независниот кандидат Менди Ќира, додека во Кичево ќе го кандидира министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

Влен ќе има кандидат за градоначалник на Скопје, а тоа ќе биде директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопје, Башким Бакиу.

Во Дебар кандидат на ВЛЕН ќе биде заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела, во Сарај кандидат ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Арачиново Влен ќе настапи со Даут Беќири.

Во Желино кандидат ќе биде актуелниот градоначалник на оваа општина Блерим Сејдиу, во Теарце директорот на Бирото за регионален развој Даут Мемиши, а во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа Хаќим Рамадани.

Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен