Во Скопје во четврток ќе биде отворена патувачката изложба посветена на балканскиот рис, критично загрозен вид кој опстојува со многу ниска бројност во природата, со цел да се подигне свеста за неговото зачувување и улогата што ја има во екосистемите на Балканот, соопштија организаторите. Изложбата содржи фотографии од балканскиот рис направени во различни делови на регионот, што ги прикажуваат карактеристиките, живеалиштето и предизвиците со кои се соочува овој реток подвид на евроазискиот рис, значително намален по број поради загубата на живеалишта и други закани.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат одблиску со убавината и таинственоста на рисот, да научат повеќе за неговата улога во природата и напорите што се преземаат за негово опстанување преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која промовира активности за заштита, истражувања и едукација.
Изложбата веќе беше поставена на други локации низ Македонија и како дел од својата патувачка програма ќе биде достапна за посета и во Скопје, со цел поголема јавна видливост на проблемите со кои се соочува овој загрозен вид.