Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изложба „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј во Скопје

Во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во Скопје денеска ќе биде отворена ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, која е прво целосно претставување на тракиската култура во нашата држава.

Како што информираат од Министерство за култура, во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, изложбата е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија и ќе биде отворена од страна на високи државни претставници од двете држави.

Изложбата со свој поздравен говор ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е покровител на изложбата, а свои обраќања ќе имаат и претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.

Изложбата „Сребрена Тракија“, која е поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија и од Министерството за култура на Република Бугарија, покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија.

Изложбата, која го содржи и Тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка, досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, а поставката, која се изложува во Скопје, претставува најкомплексна и најобемна презентација на наодите кои ја претставуваат тракиската култура и цивилизација.

Презентацијата на изложбата „Сребрена Тракија“ во Скопје претставува продолжување на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН и Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и се реализира по одличното претставување на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија, Бугарија. 

Зачлени се на нашиот е-билтен