Во организација на Младинскиот Културен Центар -Битола во партнерство со Стрип центар на Македонија Велес (како дел од Урбаната агенда на МКЦ-Битола и за отворањето на фестивалот Битола отворен град 2024), се отвори изложба на млади стрип авторки од Македонија.
На изложбата беа претставени стрип дела од млади македонски авторки кои се носители на новата генерација на цртачки. Дел од прикажаните стрипови се во соработка со Стрип центарот на Македонија од Велес, а дел се резултат на работилницата за стрип која пред неколку месеци беше одржана во Младинскиот Културен Центар -Битола.
На изложбата се застапени стрипови од Славица Купенкова –Скопје, Ангела Петрушевска-Скопје, Влера Чиче-Скопје, Јана Бутеска –Скопје, Тамара Мишова-Скопје, Магдалена Маријановиќ-Ресен, Вилма Дамњановска-Скопје, Елена Апостоловска-Скопје, Анастасија Недељковска-Куманово, Матеа Аризанковска-Скопје, Андреа Младеновска-Скопје, како и младите девојки од Битола Мартина Дурлова, Теодора Христова, Михаела Ласковска, Јована Велјановска, Ива Ѓоргиева, Ана Марија Вељановска, Ана Маркова, Мери Младеновска, Нина Велиновска, Викторија Џајковска иБлагица Наумовска.
Томе Трајков, програм координатор на Македонскиот стрип центар, истакнува дека недвосмислен впечаток е дека развојот на женскиот стрип во Македонија е нераздвоив со сеопштиот развој оваа уметност кај нас.
„Ако пред околу 3 децении ценетиот Томислав Османли, најпознатиот стрип хроничар и тероретичар кај нас, во своите дела зборуваше дека во списанието Лифт имало објавено кратки стрипови од две стрип авторки, кои срамежливо се појавуваа под псевдонимите Псило и Вентолина, едната цртач, а другата сценарист, веќе во 2010 година се јавува ликовниот уметник Иванка Апостолова, единствената македонска стрип авторка која беше вклучена во регионалниот проект „АНТОЛОГИЈА НА ЖЕНСКИОТ СТРИП“ на уредничката и авторка Ирена Јукиќ Прањиќ. А сега секој којшто ја следи балканската стрип сцена и стрип фестивали лесно ќе забележи дека панел дискусии на тема „ЖЕНСКИОТ СТРИП “ прераснаа во ситуација на тренд, доказ е и оваа изложба. Како и да е, дали е темата женски стрип е оправдана или не, јас лично ја перцепирам исклучиво во склоп на развојот и афирмацијата на сеопштиот македонски стрип, во и вон Македонија. Дури лично мислам дека кај жените авторки е понагласена трпеливоста во самиот процес на подготвување на едно стрип дело. За тоа сведочи и бројноста на македонски стрип авторки“. завршува Трајков.