Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Израел и формално му објави војна на Хамас, бројот на жртвите надмина 900 и расте, тенкови се упатија кон Појасот Газа

Израел и формално му објави војна на Хамас.

Во утринските часови, в сабота, на 7 октомври, неколку десетици палестински милитанти ги изненадија израелските безбедносни сили.

Според видео извештаите што доаѓаат од новинските агенции и од социјалните мрежи, во моментов трае силен напад врз Газа. Вчера, израелскиот лидер, премиерот Бенјамин Нетанјаху најави дека одмаздата ќе биде безмилосна и невидена досега.

Бенјамин Нетанјаху

„Израелските одбранбени сили ќе дејствуваат веднаш за да ги уништат капацитетите на Хамас. Безмилосно ќе ги осакатиме и ќе се одмаздиме за овој црн ден што му го донесоа на Израел и неговите граѓани. Жители на Газа, излезете веднаш. Ќе бидеме насекаде и со сета наша сила“, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање во саботата, пренесе The Times of Israel.

Денеска, и официјално, се води војна.

Бројот на загинати во Израел се искачи на 600, според локалните медиуми, додека палестинските власти соопштија дека најмалку 370 се убиени во Газа. Илјадници се повредени.

Не поминаа ни 24 часа, а конфликтот веќе се претвори во регионален. Либанската милитантна група Хезболах соопшти дека нападнала израелски цели во близина на границата „во знак на солидарност“ со Хамас, по што дојдоа вести за жесток израелски одговор во правец на Либан.

Хашем Сафиедин

„Ние во оваа битка не сме неутрални. Исламскиот отпор вели дека е наше право, но и наша должност, да го таргетираме непријателот кој сè уште ја окупира нашата земја. Нашите срца, умови и души се со вас [Хамас]. Нашата историја, пушки и ракети се со вас“, изјави високиот функционер на Хезболах, Хашем Сафиедин, говорејќи денеска од Бејрут.

Објавувањето на војна од страна на Израел донекаде претставува симболична формалност, но во секој случај овозможува правна рамка за владата да спроведе мобилизација на воените резерви и да ја принуди владата да идентификува конкретни цели за време на војната. Со објавата на војна се отвораат можности и за копнена инвазија на Газа.

На почетокот на вториот ден на воените дејствија меѓу израелските сили и милитантите на Хамас од Појасот Газа, на административната граница од израелска страна се појавија тенкови и артилерија.

Државниот секретар Антони Блинкен денеска изјави дека администрацијата работи на проверка на извештаите дека Американците се меѓу исчезнатите и загинатите во Израел, откако Хамас го започна својот напад.

Антони Блинкен

„Имаме извештаи дека се убиени неколку Американци. Работиме напорно за да го потврдиме тоа. Во исто време, има извештаи за исчезнати Американци и таму повторно, работиме на проверка на тие извештаи“, изјави Блинкен за Си-Ен-Ен.

Папата Франциск денеска повика на „запирање на нападите“. Тој нагласи дека „тероризмот и војната не водат до решение“.

„Со страв и болка го следам она што се случува во Израел… Ја изразувам мојата солидарност со семејствата на жртвите. Нека престанат нападите и оружјето, ве молам“, рече Папата на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Израел отвори команден центар за исчезнати лица за пријателите и членовите на семејствата на луѓето кои се водат како исчезнати.

Подготви: Џ. Дерала / ЦИВИЛ МЕДИА

Зачлени се на нашиот е-билтен