Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Израел нападна воени цели во Иран, Техеран вели дека претрпеле ограничена штета

Фото: X

Израел нападна воени локации во Иран утрово, велејќи дека се одмаздува на ракетниот напад на Техеран врз Израел овој месец, последниот судир во ескалацијата на конфликтот меѓу тешко вооружените ривали.

Неколку часа подоцна, израелската војска соопшти дека ги завршила нападите и ги постигнала своите цели, предупредувајќи го Иран да не реагира. Сепак, преку новинските агенции, Иран најави дека ќе има пропорционална реакција.

Иранските медиуми објавија за повеќекратни експлозии во текот на неколку часа во главниот град и во блиските воени бази, кои започнале веднаш по 2 часот по полноќ.

Пред зори, израелскиот јавен сервис соопшти дека три бранови удари се завршени и дека операцијата е завршена.

Иран соопшти дека неговиот систем за воздушна одбрана успешно се спротивставил на нападите на Израел врз воени цели во провинциите Техеран, Кузестан и Илам со „ограничена штета“ на некои локации.

На Блискиот Исток се очекуваше одмаздата на Израел за иранскиот напад од 1 октомври, во кој беа истрелани околу 200 проектили кон Израел, при што загина едно лице на Западниот Брег.

Тензиите меѓу големите ривали Израел и Иран ескалираа откако Хамас, палестинската милитантна група поддржана од Иран со седиште во Газа, го нападна Израел на 7 октомври 2023 година. Хамас беше поддржан од милитантите на Хезболах со седиште во Либан, поддржани и од Иран.

Стравувањата дека Иран и САД ќе бидат вовлечени во регионална војна се зголемија со интензивниот напад на Израел врз Хезболах од минатиот месец, вклучително и воздушни напади врз либанскиот главен град Бејрут и копнена операција, како и неговата едногодишна војна во Газа.

„Како одговор на повеќемесечните континуирани напади на режимот во Иран против државата Израел – во моментов израелските одбранбени сили изведуваат прецизни напади врз воени цели во Иран“, се вели во соопштението на израелската војска со која го објави нападот.

Војската подоцна соопшти дека ги завршила своите „целни“ напади во Иран, со удари врз капацитети за производство на ракети, додавајќи дека нејзините авиони безбедно се вратиле дома.

„Ако режимот во Иран направи грешка да започне нова рунда на ескалација, ние ќе бидеме обврзани да одговориме“, рекоа од израелската војска.

Целите не ја вклучуваат енергетската инфраструктура или иранските нуклеарни постројки, изјави американски официјален претставник.

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека Вашингтон, главниот поддржувач и снабдувач на оружје на Израел, нема да поддржи напад врз нуклеарните локации на Техеран и рече дека Израел треба да разгледа алтернативи за напад на иранските нафтени полиња.

Иранските власти постојано го предупредуваа Израел за каков било напад.

„Иран го задржува правото да одговори на каква било агресија и нема сомнеж дека Израел ќе се соочи со пропорционална реакција за секоја акција што ќе ја преземе“, објави во саботата полуофицијалната новинска агенција Тасним, цитирајќи извори.

Висок функционер од администрацијата на Бајден рече дека израелските „целни и пропорционални удари“ треба да бидат крај на директната размена на оган меѓу двете земји, но САД се целосно подготвени уште еднаш да го бранат Израел доколку Иран одлучи да одговори.

Видеата пренесени од иранските медиуми покажаа дека противвоздушната одбрана континуирано пука кон очигледно дојдовните проектили во центарот на Техеран, без да се каже кои локации биле нападнати.

Тасним објави дека базите на Корпусот на Исламската револуционерна гарда кои биле нападнати не биле оштетени и рече дека Иран ги обновува комерцијалните летовите од 9 часот наутро по суспензијата за време на нападот на Израел. Соседниот Ирак исто така ги обнови летовите, соопшти нејзината државна новинска агенција.

Израел гаѓаше некои воени локации во централниот и јужниот дел на Сирија со воздушни напади рано во саботата, објави сириската државна новинска агенција САНА. Израел не потврди дека ја нападнал Сирија.

Израел рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и други безбедносни претставници внимателно ја следеле операцијата во воениот команден и контролен центар во Тел Авив.

Галант разговараше со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин веднаш по почетокот на израелските напади. Остин го истакна засилениот став на силите на Соединетите Американски Држави за одбрана на американскиот персонал, Израел и неговите партнери низ целиот регион, соопшти Пентагон.

Израел ги известил САД пред да нападне, но Вашингтон не бил вклучен во операцијата, изјави американски официјален претставник за Ројтерс.

Саудиска Арабија го осуди нападот врз Иран како „кршење на неговиот суверенитет“ и меѓународните закони. Ги повика сите страни да покажат максимална воздржаност и ја повика меѓународната заедница да преземе акција за деескалација и ставање крај на конфликтите во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен