Израел доби американска безбедносна помош во вредност од 6,5 милијарди долари од 7 октомври минатата година кога започна војната против исламистичкиот Хамас, објави денеска „Вашингтон пост“.
Во извештајот на весникот се наведува дека речиси половина од таа помош била добиена во мај, седум месеци по почетокот на војната во Појасот Газа.
Неименуван претставник на американската администрација рече дека износот на помошта сугерира колку се длабоки и сложени односите на земјата со Израел.
„Тоа е голем потфат и ништо не е запрено освен една пратка“, рече претставникот, очигледно мислејќи на пратката која вклучуваше бомби од 900 килограми, која беше замрзната на почетокот на мај, кога американскиот претседател Џозеф Бајден предупреди на дополнителни одложувања спротивставувајќи се на намерата на Израел да започне офанзива во Рафах.
Во тој град на југот на Газа, повеќе од милион луѓе се засолниле од конфликтот во други делови на палестинската територија.
Помошта беше тема на разговорите меѓу израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и американските официјални претставници оваа недела за време на неговата посета на Вашингтон.