Израелскиот парламент — Кнесетот — во понеделникот го одобри во прво читање усвојувањето на два контроверзни предлог-закона. Едниот предвидува проширување на примената на смртната казна за осудени „терористи“, а другиот ѝ овозможува на владата да затвора странски медиуми без судска наредба, јавува CNN.
Законот за смртна казна, силно поддржан од крајно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, помина со 39 гласа „за“ и 16 „против“. Сега оди во парламентарна комисија за понатамошна расправа, пред второто и третото читање потребни за конечно усвојување.
Бен Гвир изјави дека мерката ќе претставува „значително одвраќање од тероризмот“ и дури се закани дека ќе ја повлече својата партија од владејачката коалиција доколку законот не биде изгласан.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху првично се спротивставуваше на ова законско решение, стравувајќи дека би можело да доведе до одмазда врз израелските заложници во Газа, но го промени својот став по воспоставувањето на кревкото примирје.
Во Израел, смртната казна моментално е дозволена само во исклучителни случаи — како предавство или нацистички воени злосторства — и не е извршена со децении. Единствениот егзекутиран човек во Израел бил Адолф Ајхман, еден од главните архитекти на холокаустот, обесен во 1962 година.
Полесна примена на смртната казна за Палестинците
Законот, меѓу другото, менува и правила во воените судови на окупираната Западна Обала, дозволувајќи им да изрекуваат смртна казна со обична мнозина гласови, наместо со едногласна одлука, како досега. Исто така, се укинува можноста судиите да земат предвид олеснителни околности.
Палестинците на Западната Обала подлежат на воен закон, додека за израелските доселеници важи цивилното законодавство. Обединетите нации веќе со години ги критикуваат израелските воени судови, наведувајќи дека „правата на Палестинците на правична постапка се прекршуваат“.
Закон за затворање на медиуми без судска наредба
Во истата седница, пратениците го одобрија и првото читање на законот што ѝ овозможува на израелската влада да забрани работа на странски медиумски куќи без судски надзор.
Законот го предложи пратеникот од Ликуд, Ариел Калнер, со поддршка од десничарската коалиција на Нетанјаху. Оваа мерка би ја направила трајна таканаречената „Ал Џезира одредба“, воведена откако Министерството за комуникации во 2024 година го забрани работењето на катарската мрежа Ал Џезира во Израел, обвинувајќи ја за пристрасност и поддршка на Хамас.
Ал Џезира ги отфрли обвиненијата и ја осуди забраната, потсетувајќи дека неколку нејзини новинари се убиени во Газа од израелските сили во изминатите две години.
Организацијата „Репортери без граници“ (RSF) го осуди предлогот, нарекувајќи го „прв клинец во ковчегот на уредничката независност во Израел“.
„Во позадина на војната и претстојната изборна кампања, владата на Нетанјаху се обидува да ги замолчи критичните гласови кон десничарската коалиција“, изјави уредничката директорка на RSF, Ан Боканде. „Овие законски напади ќе имаат долгорочни, негативни последици врз медиумскиот пејзаж во Израел“, предупреди таа.

