Израелската армија признава дека 24 часа се малку за евакуација во Газа

 Израелската војска денеска призна дека ќе биде потребно време за Палестинците да ги следат нејзините наредби за евакуација од северот на Газа, но не го потврди извештајот на ОН дека поставила краен рок од 24 часа.

– Се обидуваме да обезбедиме време и правиме многу напор и разбираме дека нема да потрае 24 часа, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари.

– Нема да кажам дека тоа е точно време, одговори тој на барањето да потврди дека армијата ги информирала официјалните лица на ОН, дека луѓето од Газа имаат 24 часа да се евакуираат.

Светската здравствена организација (СЗО) нагласи дека барањето од пациентите во болниците да се евакуираат во Газа е „смртна казна“, а генералниот директор на организацијата го повика Израел да ја повлече својата одлука со која нареди евакуација.

СЗО денеска соопшти дека локалните здравствени власти во Газа ги информирале оти е невозможно да се евакуираат болнички пациенти од северниот дел на Газа, откако израелската војска повика цивилите да се евакуираат на југ во рок од 24 часа.

– Има тешко болни луѓе чии повреди значат дека единствената шанса за преживување им е да бидат на апарати за одржување во живот, како што се механички вентилатори, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.

– Значи, преместувањето на тие луѓе е смртна казна. Барањето од здравствените работници да го сторат тоа е повеќе од сурово, нагласи тој.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека болниците во Газа се на „пресудна точка“ и апелираше директно до Израел да ја откаже наредбата за евакуација.

Зачлени се на нашиот е-билтен