Израелската армија тренира за можноста за голема војна со северниот сосед Либан, соопшти денеска војската.
Се наведува дека резервистите од една бригада одржале различни вежби во текот на неделата за „да ја забрзаат подготвеноста за операција во оваа арена“, пренесува ДПА.
Целта беше оперативна готовност и подготовка „за различни борбени сценарија на северот“.
Обуката одржана во Галилеја на северот на земјата симулираше борбени ситуации во Либан.
Пешадија и оклопни трупи тренирале заедно со војници од единиците за логистика и комуникации да работат заедно на нерамен терен. Другите трупи, исто така, вежбале со воздухопловните сили „да се обучуваат за сценарио за брзо воздушно снабдување на копнените сили кои дејствуваат на непријателска територија“.
Повеќе од седум месеци во пограничната област меѓу Израел и Либан постојано избувнуваат жестоки борби. Проиранската шиитска милиција Хезболах истрелува ракети, артилерија и противтенковски гранати врз северен Израел од 8 октомври.