Изречени казни и до 53.000 евра за загадувачи во Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот на Град Скопје информираше дека во изминатиот период од страна на инспекциските служби изречени се низа казни кон фирми и лица кои биле фатени како загадуваат или непрописно одлагаат отпад.

„Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра. 

Одговорни лица во правни субјекти се казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагаа отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот“ рече тој.

Дополнително, Ѓорѓиевски посочи дека Комуналната инспекција извршила 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 се изречени глоби од по 1.300 евра. 

Зачлени се на нашиот е-билтен