Управувањето со јавните служби и човечките ресурси останува недоволно, а одговорноста на администрацијата треба да се подобри, исто како и управувањето со јавните финансии и услугите за граѓаните и бизнисот, се дел од оценките изнесени од Европската комисија во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2024 година.
– Политизацијата во јавниот сектор континуирано ја поткопува доследната примена на одредбите за заслуги и транспарентни процеси и дополнително ја намалува довербата во администрацијата и нејзината работа. Промената на владејачките структури по Парламентарните избори во мај 2024 година не донесе никакви подобрувања во овој поглед бидејќи беа сменети голем број средни раководни кадри, а многумина беа деградирани, стои во Извештајот.
Се забележува и дека се уште не се усвоени долгоочекуваните ревидирани закони за административните службеници и вработените во јавниот сектор со кои треба да има ангажман и унапредување на кадрите според заслуги.
Комисијата забалежува дека не се применуваат соодветно бројните измени на законите за јавниот сектор што беа донесени во 2014 година и оти и покрај постоењето на правила за спроведување на оценувањето на успешноста, тоа не се врши систематски или соодветно за целта.
– Транспарентноста по основите за отпуштање на државните службеници е недоволна, а не се даваат податоци за отпуштања и на раководни и на нераководни кадри. Сè уште не е обезбедено соодветно следење на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за подобрување на процедурите за вработување. Администрацијата се соочува со сериозни предизвици за привлекување и задржување на квалификуван обучен кадар. Спорадичните иницијативи за зголемување на платите во некои министерства или тела ја зголемија фрагментацијата на системот на наградување, а во некои случаи беа оспорени од Уставниот суд, наведува ЕК.
Упатува забелешки и дека постојаните промени на персоналот кој работи на управувањето и спроведувањето на фондовите на ЕУ ја поткопува ефективноста на овие мерки. Исто така се забележува и дека многу високи позиции продолжуваат да се пополнуваат со вршители на должност.
-Голем број носители на раководни места беа сменети пред истекот на нивниот мандат и заменети со вршители на должност по Парламентарните избори во мај 2024 година. Бројот на привремени вработувања и вработувања со договор за услуги и понатаму е висок, без воспоставен систем за следење на нивниот ефективен број и времетраење на ниво на сите институции. Повеќето институции сега користат информациски системи за управување со човечки ресурси. Според извештаите на државниот ревизор, одреден број вработени во јавните служби добиваат плата и покрај тоа што немаат формална задача и не мораат да се појават на работа. Министерството за политички систем и односи продолжи да регрутира персонал и планира да ги распореди новите регрути во различни институции, се наведува во Извештајот на ЕК.