Извештај на NarativAI: МРТ на долната граница од регионалниот просек за транспарентност и ВИ-подготвеност

Македонската радио-телевизија (МРТ) се наоѓа на долната граница од регионалниот просек кога станува збор за транспарентност и подготвеност за користење на вештачка интелигенција (ВИ), покажува првиот регионален извештај на NarativAI – Центар за медиумски иновации на Балканот.

Истражувањето ги анализира јавните радиодифузни сервиси во седум земји од Западен Балкан и ги оценува според два клучни критериуми – транспарентност и дигитална, односно ВИ-подготвеност. МРТ остварила вкупно 50 од можни 100 поени, од кои 30 поени за транспарентност и 20 поени за ВИ-подготвеност, со што е изедначена со ХРТ и се позиционира на дното од регионалниот распон.

Според извештајот, МРТ располага со обемен Етички кодекс, кој претставува солидна основа за професионално новинарство, но истиот не е ажуриран од 2017 година. Како таков, тој не ги опфаќа современите предизвици поврзани со дигиталното новинарство, социјалните мрежи, алгоритмите, синтетичките содржини и употребата на вештачка интелигенција.

Дополнително, иако дел од клучните документи се формално јавно достапни, извештајот укажува дека нивната прегледност и лесна достапност за граѓаните е ограничена, што ја намалува практичната транспарентност на јавниот сервис.

Во делот на ВИ-подготвеноста, NarativAI нотира дека МРТ нема јасно дефинирани интерни политики или правила за користење на ВИ алатки во редакциската работа, ниту пак насоки за новинарите, уредниците и надворешните соработници. Со тоа, не се систематски уредени ризиците од автоматизирана обработка на информации, синтетички генерирани содржини и потенцијални технолошки манипулации.

„Овој извештај не е критика, туку алатка за унапредување. Јавниот сервис во Македонија има основа врз која може да се надгради, но без навремено ажурирање на етичките и транспарентните рамки, ризикот е да се заостанува зад технолошката реалност и очекувањата на јавноста“, се наведува во заклучоците на истражувањето.

NarativAI препорачува ажурирање на Етичкиот кодекс, воспоставување јасна и видлива страница за транспарентност, подобрување на механизмите за јавни претставки, како и усвојување посебна политика за етичка употреба на вештачката интелигенција.

Регионалната анализа покажува дека ниту еден јавен сервис во Западен Балкан не е целосно подготвен за ВИ-предизвиците. Највисок вкупен резултат од 65 поени оствариле БХРТ и РТК, по што следат РТЦГ и РТШ со по 60 поени и РТС со 55 поени. ХРТ и МРТ со по 50 поени се наоѓаат на долната граница од регионалниот просек.

Целосниот извештај е достапен на следниот линк „Transparency and AI Readiness of Western Balkan Public Broadcasters: A Regional Assessment“.

Зачлени се на нашиот е-билтен