Украински војници биле мачени во руско заробеништво со месеци, се наведува во извештајот на Обединетите нации објавен денеска, во кој детално се опишани екстремните нивоа на страдање.
Злоупотребата е „страшна“, систематска и широко распространета, објави во Женева Истражната комисија на Советот за човекови права на ОН за Украина.
Воените затвореници редовно биле тешко тепани и мачени со електрошокови, понекогаш и на нивните гениталии, се наведува во текстот. Извештајот вклучува опис на човек кому во заробеништво ми биле скршени кокцикс, клучна коска и заби. На претставниците на ОН им кажал и дека бил толку силно претепан што крварел од анусот.
Во очај мажот се обидел да се самоубие. Откако бил ослободен, морал да направи 36 операции. Според извештајот, воените заробеници биле држени меѓу 9 и 15 месеци во Русија и на украинска територија.
– Извештаите за жртвите откриваат безмилосно, брутално постапување кое им предизвикало силна болка и страдање во текот на речиси целиот период во притвор, со очигледно непочитување на човечкото достоинство, што предизвикало долготрајна физичка и психолошка траума, се вели во извештајот.
Жртвите опишале дека страдале од глад па јаделе црви, сапун, хартија и остатоци од храна за кучиња, што предизвикало ненадеен пад на телесната тежина, се вели во извештајот. Комисијата соопшти дека тортурата што ја извршиле припадници на руската војска и затворските службеници е воено злосторство.
Во извештајот се опишуваат и тортура и сексуални злосторства врз украински цивили. Во еден случај, 42-годишна трудница и 17-годишната девојка на нејзиниот син биле силувани од двајца руски војници. Комисијата, исто така, го категоризираше тековното гранатирање на цивилни згради и убиствата на цивили во Украина од страна на руската војска како кршење на меѓународното хуманитарно право.