Извештајот за напредокот на Македонија предаден во рацете на спикерот Гаши

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот, е наведено дека парламентот на Р Македонија, треба да ги забрза потребните реформи за процесот на интеграција во ЕУ.

Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, денеска на спикерот Африм Гаши му го предаде Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија за 2025 година.

На затворената седница во парламентот, покрај Гаши, присуствуваа и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски и пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ и координаторите на пратеничките групи на ЗНАМ и ВЛЕН, Бобан Карапејовски и Беким Ќоку.

Од прес-службата на парламентот наведоа дека на средбата биле поканети потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, генсекот на Собранието и на кабинетот на претседателот на Собранието.

Во извештајот на ЕК за напредокот на земјава кој беше објавен денеска, меѓу другото, се нотира дека не се направени обиди за усвојување на уставните измени наведени во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година за вклучување други заедници, како бугарската, во Уставот. Во оваа насока се додава дека парламентот на С Македонија треба да ги забрза потребните реформи за процесот на интеграција во ЕУ.

„Потребни се трајни и решителни чекори за забрзување на спроведувањето на сите реформи поврзани со ЕУ, надвор од оние од Агендата за реформи и за напредок во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка е од витално значење во овој поглед“,се наведува во извештајот на ЕК.

Зачлени се на нашиот е-билтен