Извршителите го дебелеат долгот, порачаа од различни страни дури и гостите во истото интервју „Бизнис 21“ на ТВ21, каде што во петокот вечерта претседателката на Комората на извршители Весна Деловска и претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации Марјан Ристески, наместо да ја смират јавноста околу новиот Закон за извршување, практично ја потврдија суштинската дилема: како мал долг во Македонија и натаму се претвора во несразмерен товар откако низ него ќе поминат адвокат, нотар и извршител. Ристески побара законот веднаш да се повлече и најави протести ако забелешките не бидат прифатени.
Најсилниот удар врз самиот систем, сепак, не дојде од синдикатите, туку од примерот што го раскажа Деловска. Таа во интервјуто на ТВ21 опиша случај во кој за вкупно неплатени околу 200 денари, поради повеќе одделни постапки и трошоци, граѓанин можел да стигне до околу 500 евра обврска. Во истата емисија Ристески изнесе друг пример, тврдејќи дека долг од 500 денари може да порасне на 17 до 18 илјади денари. Кога и претседателката на Комората на извршители јавно признава дека системот произведува апсурдни размери меѓу основниот долг и конечната наплата, тогаш проблемот повеќе не е само политичка критика, туку признание од самото јадро на механизмот.
Деловска дополнително откри дека Комората ја напуштила работната група што го подготвувала законот, тврдејќи дека нивните предлози за „пријателско намирување на спорови“ кај комуналните долгови биле оттурнати. Тоа е важен детал, затоа што Министерството за правда официјално ја брани реформата со сосема поинаков јазик: предложените измени, објавени на ЕНЕР, според министерството треба да донесат поефикасна извршна постапка, здружување на извршителите за намалување трошоци, централизирана електронска архива, рокови за судовите и електронско јавно наддавање. И дел од извршителската фела, преку јавни настапи на Комората, тврди дека новиот закон ќе ги расчисти противречностите и хаосот во процесниот дел. Но во јавноста засега најгласно не одекнуваат дигитализацијата и роковите, туку прашањето дали граѓанинот конечно ќе биде заштитен од тоа малата сметка да не се претвора во голема казна.
Токму тука е и досегашниот епилог на дебатата: државата зборува за ефикасност, извршителите за техничко уредување на постапката, а граѓаните слушаат примери во кои 37 денари стануваат стотици евра. Деловска во интервјуто рече дека системот работи со „висок стручен кадар“ и дека работата е иста без разлика дали налогот е за 37 или за 370.000 денари. Но за должникот проблемот не е во стручноста, туку во пропорцијата. Ако законот не пресече јасно каде завршува разумната наплата, а каде почнува финансиското дерeње на мали долгови, тогаш секоја приказна за реформа ќе личи повеќе на подобра организација на истиот стар притисок. Оттука и заканата со протести не звучи како политички фолклор, туку како реакција на систем што повторно покажува дека најлесно заработува таму каде што долгот е мал, а граѓанинот најслаб.