Јакимовски до Мицкоски: „Не молев поддршка, туку добив список за вработувања и урбанистички маркици“

Кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, остро му возврати на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по неговата изјава дека во 2021 година Јакимовски го молел за поддршка во вториот круг од локалните избори.

„Да беше Пинокио, носот ќе ти удреше во крстот на Водно. Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари“, изјави Јакимовски.

Тој ги негира тврдењата дека му покажувал детални урбанистички планови на Мицкоски и додаде дека во првите 30 дена од неговиот мандат не бил усвоен ниту еден нов ДУП, бидејќи сметката на општината била блокирана.

„А и да му покажев план – што би разбрал од него? Лаже дека дошол да честита победа. Вистината е дека дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште, како и урбанистичка маркица за фирма блиска до негов пријател од ‘Гранит’. Сето тоа – надвор од било каков институционален ред и закон“, изјави Јакимовски.

Тој додаде дека нема никаква пресуда против него, туку дека станува збор за политички прогон, поврзан со барака што денес е пренаменета во простор каде се згрижуваат деца од градинката „Мајски цвет“.

Претходно, Мицкоски тврдеше дека по првиот круг од изборите во 2021 година, Јакимовски дошол кај него „ненајавен и исплашен“, молејќи за поддршка за вториот круг. Според Мицкоски, тој прифатил под услов да нема понатамошна бетонизација на Карпош, но по изборната победа, Јакимовски му понудил „да избере кој ДУП сака за него“.

Зачлени се на нашиот е-билтен