Скандалот со прекинатиот настап на Аца Лукас во Кавадарци доби и институционален епилог – градоначалникот Митко Јанчев јавно порача дека „Кочани сценарио“ во неговиот град нема да се дозволи и дека безбедноста е над се.
Концертот на српската фолк-ѕвезда во кавадаречкиот локал бил прекинат нешто по полноќ, откако полицијата утврдила дека настапот се одвива без потребната дозвола. Лукас бил приведен, а по скратена постапка, како странец, му била изречена парична казна, соопшти МВР.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како пејачот излегува од локалот во придружба на полицијата, додека дел од гостите збунето гледаат што се случува надвор од објектот.
Кавадаречкиот градоначалник за локалната КТВ потврдил дека настапот бил стопиран поради сериозни безбедносни пропусти: непријавен ангажман, прекршување на правилата за работа на локалот и – најкритично – драстично надминување на капацитетот. Локалот, според него, има капацитет за околу 200 лица, а внатре имало околу 700 гости. „Безбедноста е прва, нема да дозволиме Кочани сценарио“, предупредил Јанчев, мислејќи на трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани, каде пренатрупаност и пропусти во безбедносните стандарди завршија со човечки жртви.
Настанот отвора сериозни прашања за тоа како се организираат големи забави во затворени простори, колку се почитуваат правилата за капацитет и евакуација и дали контролите се доволно ригорозни. Случајот со Аца Лукас покажува дека по кочанската трагедија, локалните власти барем декларативно се подготвени да интервенираат и по цена на прекинат концерт и скандал во јавноста, наместо да ризикуваат нова катастрофа.
Додека организаторите и надлежните институции неофицијално се препукуваат околу вината, пораката што Јанчев се обидува да ја испрати е јасна: подобро незадоволна публика и еден скандал помалку во естрадните хроники, отколку повторување на Кочани како вест од црната хроника.

