Јаневска им тера инает на универзитетските професори

Министерката за образование Весна Јаневска не отстапува од намерата да го турка новиот закон за високо образование, иако дел од универзитетските професори бараат тој да биде повлечен и повторно напишан. Наместо сигнал за нов дијалог, од нејзината изјава произлезе порака дека проблемот не е во законот, туку во оние што му се спротивставуваат.

Јаневска јавно порача дека не размислува за повлекување на законот и дека по уште една средба на работната група текстот ќе влезе во владина постапка. На професорите кои бараат повлекување им возврати дека, според неа, станува збор за „мала група“ која стравува дека во иднина нема да може да ги исполни условите што ги предвидува законот. Притоа, им понуди две опции: или „сериозно да се фатат за работа“, или подолго да останат во истото звање додека не се подготват за следното.

Таквиот настап ја оголи суштината на судирот што со недели се води околу измените во високото образование. Наместо да ги смири сомнежите дека државата се обидува под превезот на реформи да ја стесни универзитетската автономија, министерката избра конфронтација со академската фела. Во момент кога професори и од државните и од приватните универзитети предупредуваат дека новото решение носи повеќе администрација, повеќе процедури и повеќе централна контрола, власта одговара дека отпорот е последица на неподготвеност за повисоки критериуми.

Јаневска тврди дека многу од забелешките биле прифатени и дека веќе се вградуваат во текстот, но во исто време јасно става до знаење дека за дел од клучните критики работната група смета оти се неоправдани. Тука спаѓаат и забелешките поврзани со отчетноста на универзитетите кон државата и со ингеренциите на Националниот совет, токму оние точки што отворија најголем сомнеж дека државата си подготвува посилен механизам за влијание врз универзитетите.

Критичарите предупредуваат дека законот само формално ја признава автономијата, а суштински ја ограничува преку мрежа од согласности, процедури и централни одлуки. Како една од најспорните одредби се посочува решението универзитетите и високите стручни школи за својот статус да добиваат согласност од Собранието, но по претходно позитивно мислење од Владата. Во ваква поставеност, автономијата лесно може да остане убав збор во закон, а зависноста да стане пракса.

Дополнителен политички притисок доаѓа и од опозицијата, која бара повлекување на законот со образложение дека тој не ги решава клучните проблеми на високото образование: недоволното финансирање, одливот на млади кадри и слабата врска со пазарот на трудот. Но наместо расправа за суштината, јавноста добива пораки за тоа кој е подготвен, а кој не е подготвен за новите правила. Така дебатата за квалитетот на универзитетите се претвора во политичко и институционално мерење на силите меѓу Министерството и академската заедница.

Во ваква атмосфера, прашањето веќе не е само каков закон ќе се донесе, туку и каква порака државата испраќа до универзитетите. Кога професорите бараат повлекување и суштинска доработка, а министерката одговара со укор и со сомнеж во нивната стручност, впечатокот е дека власта повеќе сака послушност отколку критичка расправа. Наместо партнерство со академската фела, на маса е ставен однос во кој Министерството дели лекции, а универзитетите треба да се прилагодат.

Зачлени се на нашиот е-билтен