Со „Еразмус штафета – кутија во движење“, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја започна агендата за одбележување на Еразмус денови 2025. Учениците и наставниците од основното училиште „Ацо Шопов“ во Бутел кои учествувале во проекти за мобилност преку програмата Еразмус, беа првите што симболично ги оставија своите пораки и препораки во кутијата, со цел да ги поттикнат новите корисници на програмата.

Откако кутијата ќе ги обиколи училиштата низ државата, сите писма ќе бидат јавно објавени.
На почетокот на активноста присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која истакна дека по неколку години со предизвици за кредибилитетот на Националната агенција, сега започнува период на стабилно функционирање. „Интересот за програмата расте – годинава бројот на апликации за мобилности е над 300, двојно повеќе од лани“, рече Јаневска.
Таа додаде дека ќе бидат потпишани договори за 161 проект во вредност од околу 7 милиони евра, покривајќи области како инклузија, нови методи на учење, дигитална трансформација и демократија, со учество на 270 институции и организации од Македонија.
Директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, изјави дека е задоволна од сработеното и дека процесите кои беа блокирани во изминатите години, сега се откочени. Таа нагласи дека оваа година партнерствата се проширени и со институции од Италија, Шпанија и други земји од ЕУ, а бројот на мобилности е зголемен за 600 во споредба со лани, што значи повеќе учесници ќе имаат корист од Еразмус програмата.
Изјавата доаѓа во контекст на повеќемесечните превирања во Националната агенција околу злоупотреба на европски фондови.