Јапонија ги укинува децениските ограничувања за производство на ориз откако недостигот и високите цени на основната состојка почнаа да ги оптоваруваат пазарите од летото 2024 година.
Премиерот Шигеру Ишиба објави дека јапонската влада активно ќе поддржи зголемување на производството на ориз, во согласност со наодите на владина комисија што укажуваат дека производството заостанува зад растечката побарувачка, делумно поради порастот на туризмот, објави Кјодо.

Досега, државата ги охрабруваше земјоделците преку субвенции да не ги користат сите достапни површини за садење ориз за да спречат прекумерно производство и да ја зачуваат стабилноста на цените, но Јапонија сега преминува на спротивна стратегија.
Јапонскиот министер за земјоделство Шинџиро Коизуми нагласи дека „потребно е да се обезбеди поддршка на оние кои сакаат да произведуваат повеќе ориз отколку сега“, додека членовите на кабинетот ги разгледаа причините за зголемувањето на цените и мерките за стабилизирање на пазарот.
Според плановите, владата во Токио ќе се стреми да го искористи напуштеното земјоделско земјиште, како и да им обезбеди на производителите подобар пристап до продажните канали дома и во странство.
Ишиба претходно нагласи дека е важно да се создадат услови во кои земјоделците ќе имаат мотивација да го зголемат производството, а денешната промена на политиката претставува најзначајниот пресврт во земјоделскиот сектор во последните десет години, додава јапонската агенција.