Јапонија на вонредни избори: премиерката Санае Такаичи бара мандат

Јапонија в недела, на 8 февруари, излегува на вонредни парламентарни избори откако премиерката Санае Такаичи го распиша гласањето со цел да ја искористи високата поддршка што ја има од преземањето на функцијата како прва жена премиер во земјата. Според објавите, Такаичи најавила распуштање на Долниот дом на 23 јануари и побарала граѓаните директно да проценат дали е „способна“ да продолжи да ја води државата.

Во фокусот е составот на 465-члениот Долен дом, кој се смета за поклучниот во јапонскиот политички систем. Анкетите што ги пренесуваат странските медиуми најавуваат значајна предност за владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), а сценариото што се споменува е дека Такаичи би можела да обезбеди мнозинство заедно со новиот партнер, Јапонската иновациска партија, па дури и значително поголем број пратенички места од досегашното тесно мнозинство.

Дел од контекстот е дека владината конфигурација се менувала по претходни изборни резултати и политички пресложувања, а Такаичи настојува да добие посилен легитимитет за сопствената агенда. Во изјави пренесени од медиумите, таа го поврзала исходот од изборите со својата политичка иднина, наведувајќи дека ќе се повлече доколку ЛДП не успее да обезбеди мнозинство.

Кампањата се одвива во услови на економски притисоци и раст на трошоците за живот, како и засилени регионални тензии, особено во односите со Кина и прашањето за безбедноста околу Тајван. Во јавноста се дискутира и за внатрешно-политички теми како финансирањето на партиите и довербата во институциите.

Такаичи е препознатлива по неконвенционален јавен имиџ за јапонските стандарди и по тоа што ја гради популарноста кај помладите гласачи, при што медиумите ја опишуваат како харизматична и директна, со јасно конзервативни ставови и нагласена ориентација кон јакнење на одбранбените капацитети.

Инаку, премиерката на Јапонија стана позната по изјавата дека спие само два до четири часа дневно, што предизвика загриженост во јавноста во момент кога земјата се обидува да ја промени корпоративната култура која од работниците бара долги работни часови. Дел од граѓаните и аналитичарите стравуваат дека Такаичи ќе ја засили идејата дека уште повеќе работа е клучот за економски раст.

Зачлени се на нашиот е-билтен