Венецуелскиот лидер Николас Мадуро доцна синоќа, првпат се појави пред федерален суд во Менхетн и се изјасни за невин по обвиненијата што американските власти ги врзуваат со трговија со дрога и оружје. На краткото рочиште, Мадуро преку преведувач изјави дека е „невин“ и дека „и натаму е претседател“ на Венецуела, додека неговата сопруга Силија Флорес исто така се изјасни за невина.
На скиците кои според законите на САД се единствените дозволени од самото судско рочиште, Мадуро се гледа во класична затворска облека и со слушалки на глава за превод.
Според информациите од судот, Мадуро се изјаснил за невин по четири точки од обвинението, меѓу кои заговор за нарко-тероризам, како и поседување митралези и „деструктивни направи“. Судскиот процес го води судијата Алвин Хелерстин, кој, според американските медиуми, ја ограничил првата појава главно на идентификација и процедура, оставајќи простор подоцна да се отвораат правните спорови околу начинот на неговото приведување.
Случајот добива дополнителна тежина поради тоа што Мадуро тврди дека бил „киднапиран“ при акцијата во Каракас и дека приведувањето е незаконско. Одбраната веќе најавува дека ќе ја оспорува легалноста на операцијата и ќе се повика на имунитет, но Вашингтон не го признава Мадуро како легитимен шеф на држава, што директно ја прави спорна таа линија на одбрана.
Американските медиуми објавија дека Мадуро засега не барал кауција и дека и тој и Флорес остануваат во притвор, додека следното рочиште е закажано за 17 март. Пред судот во Менхетн, за време на сослушувањето, имало и демонстранти и контрадемонстранти, што ја нагласува политичката поларизација што ја следи постапката.