Јасминка Џумхур од независната меѓународна истражна комисија за Украина формирана од Обединетите нации изјави дека Комисијата регистрирала одреден број злосторства врз деца убиени со огнено оружје, но и случаи на сексуална злоупотреба и повреди на деца.
Одредени информации укажуваат на префрлање деца од територијата на Украина на територија на Русија, каде што се уште се наоѓаат, а се поставува и прашањето околу враќањето на тие деца. Во голем број од тие случаи биолошките родители се наоѓаат на територијата на Украина, вели Џумхур во интервју за „Радио Слободна Европа“.
Таа повтори дека на територијата на Украина се извршени воени злосторства, се прекршени човековите права и меѓународното хуманитарно право, а додаде оти имало и злосторства врз деца од страна на руската армија.
Кога зборуваме за облиците на кршењето човекови права, тие можат да се групираат во две категории – против интегритетот на лицата и другата во однос на инфраструктурата. Зборуваме за тортура, злоупотреба, силување и други форми сексуално насилство, рече Џумхур.
Таа додаде дека втората група кривични дела се однесуваат на инфраструктурата во случаи кога објектите од енергетскиот сектор се таргетирани на почетокот на зимата, со што индиректно се загрозени човековите права на голем број жители на пристап до електрична енергија, здравствена заштита и образование на децата.
Значајна разлика помеѓу конфликтот во Босна и Херцеговина и конфликтот во Украина е во формите и димензиите на злоупотребите зависно видот на употребеното оружје. Босна и Херцеговина беше под ембарго и не можеше да се вооружува, ниту можеше да и се достави хуманитарна помош, рече Џухмур.