Јавниот обвинител Коцевски возврати на интерпелацијата на Левица: „Политички напад, а не правна аргументација“

Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител, остро ја отфрли интерпелацијата што ја поднесоа шесттемина пратеници на Левица, оценувајќи дека зад документот нема фактичка основа, туку политички мотив. „Функцијата ја вршам чесно и одговорно, со почитување на транспарентност и отчетност“, рече тој, наведувајќи дека атакот врз Обвинителството уште еднаш ја поткопува довербата во правосудството.

Коцевски по точките на интерпелацијата:

Трагедијата во Кочани: постапката се води исклучиво по докази, без оглед на партиска или етничка припадност. Обвинети се сопствениците на дискотеката, обезбедувањето, како и службени лица од неколку институции, вклучително и МВР. „Нема ‘чопоративно’ гонење – секој одговара за својот дел во трагедијата.“

Обвинувања за влијание од премиерот Христијан Мицкоски: Коцевски тврди дека никаков договор за селективност не постоел и дека иницијативата за негово разрешување била неоснована – што, вели, го потврдил и Советот на јавни обвинители.

„Функционален хаос“ во Вишото јавно обвинителство Скопје: дисциплински се гонат шефот и уште еден обвинител поради повлекување жалби и нарушени односи. „Не молчам за непрофесионалност, туку барам одговорност,“ порача Коцевски.

Непостапување за дивоградби: оформени се предмети и по пријави и „допрен глас“ – меѓу нив и двата случаи што ги поднесе градоначалничката на Скопје. „Постапуваме каде и да е пријавено бесправно градење; злоупотребата на терминот ‘допрен глас’ не смее да биде параван за туѓо нечинење.“

Обвинителот најави дека писмено ќе ги испрати деталните одговори до Собранието и дека ќе продолжи, како што рече, „да гони засновано на закон, а не на партиски директиви“.


Зачлени се на нашиот е-билтен