Јаже долго 90 метри ќе совладува висинска разлика од 1.210 метри на Пелистер

На планината Пелистер е поставено ново челично јаже со должина од 90 метри на патеката Камењар (Rocky Trail), кое опфаќа делови од патеката од Видиковец, на 2.000 метри надморска височина, до врвот Стив (2.468 мнв).

Од Националниот парк „Пелистер“ информираат дека новото јаже значително ќе ја зголеми безбедноста и ќе го олесни движењето на планинарите.

Камењар е една од најживописните патеки во земјава. Патеката започнува од паркингот пред хотелот „Молика“ (1.430 мнв), продолжува кон Копанки, па долж североисточниот и северниот раб на Баба Планина, преку врвовите Стив и Илинден (2.540 мнв), за на крај да заврши на највисокиот врв – Пелистер (2.601 мнв).

Во текот на искачувањето се отвораат панорамски погледи кон Преспанското Езеро, делови од Грција сѐ до Олимп и Албанија, на север кон Солунска Глава, а на исток – при поволни услови – и кон бугарските планини Рила и Пирин.

Патеката е долга околу осум километри и нуди предизвик за планинарите со совладување висинска разлика од 1.210 метри.

Зачлени се на нашиот е-билтен