Рацин.мк разговараше со Јелена Џокиќ, доцент на Машинскиот факултет во Скопје и еден од водечките експерти во областа на индустрискиот дизајн во Македонија. Со исклучителна енергија и посветеност, таа инспирира генерации студенти да размислуваат креативно и да ја комбинираат естетиката со функционалноста. Низ нејзините предавања и практични активности, Џокиќ не само што ги подучува младите инженери, туку и ги охрабрува да ги поместуваат границите на замисливото. Нејзиното искуство опфаќа бројни проекти, награди и соработки со индустрии, што ја прави вистински авторитет во својата професија. Со својата харизма и визија, таа е пример како образованието и професионализмот можат да се спојат во создавањето на иновативни решенија.

Рацин: Ова е осумнаесеттата изложба по ред. Како изгледа патот од првата до денешната, која веќе стана препознатлив настан?
Џокиќ: Да, оваа година е осумнаесеттата по ред. Лани славевме дваесет години од насоката, а со неколку пропуштени години поради пандемијата, ова е 18-та изложба. Интересно е што иако минатата беше јубилејна, оваа година е уште побогата. Имаме најголем број учесници досега и најмногу изложени дела — постери, експонати, прототипи. Секој нареден циклус е поголем и покреативен.

Рацин: Што ја прави оваа година посебна?
Џокиќ: Најпрво, енергијата на студентите. Изненадувачки креативни се. Од најосновни рачни цртежи, до готови прототипи на машини, апарати, еко-производи. Може да се види целата еволуција на нивната мисла и техничка зрeлост. Насоката веќе неколку години се движи кон одржливост, што е глобален тренд – користиме биоразградливи материјали, оптимизираме процеси, па дури развиваме и идеи за дигитални услуги наместо физички производи.






Рацин: Кои материјали најчесто се користат и каде најмногу експериментирате?
Џокиќ: Работиме со најразлични материјали. Секако, бидејќи сме при Машински факултет, металот е застапен, но имаме и урбани проекти каде комбинираме бетон, дрво, па дури и биоразградливи материјали. Експериментираме многу – имаме соработка со Технолошкиот факултет и заедно тестираме нови материјали. Во последната година, особено интересно е истражувањето со остатоци од кафе – од тие материјали веќе создадовме први прототипи на играчки и декоративни предмети.



Рацин: Тоа звучи фасцинантно – што може да се направи од остатоци од кафе?
Џокиќ: Многу нешта! Сè уште е во истражувачка фаза, но резултатите се ветувачки. Работиме на идеја за детски играчки, бидејќи кофеинот исчезнува по одредено време, па материјалот станува безбеден. Размислуваме и за декоративни лампи и елементи. На глобално ниво веќе постојат производи како очила направени од кафе. Нашата цел е да развиеме локални, поодржливи материјали со нови својства.



Рацин: Колку студенти учествуваат годинава и каков е интересот за насоката?
Џокиќ: Квотата е четириесет студенти годишно, и секогаш се исполнува. Во моментов имаме околу 160 активни студенти. Интересот расте, но свесно не ја зголемуваме квотата – индустрискиот дизајн бара индивидуален пристап, ресурси и време. Сакаме квалитет, не квантитет.
Рацин: Од изложбите низ годините, има ли проекти што подоцна нашле реална примена?
Џокиќ: Да, многу од прототипите си го продолжуваат животот надвор од факултетот. Студентите ги користат дома, ги подаруваме на гости, дел остануваат во сопственост на факултетот. Некои проекти дури учествувале и на регионални и локални натпревари и стигнале до финалните кругови. Тоа за нас е најдобра потврда на трудот.
Рацин: Што ќе може да се види оваа година и колку долго ќе трае изложбата?
Џокиќ: Делата што се изложени на ѕидовите ќе останат до следната година, додека експонатите ќе бидат поставени до крајот на неделата, бидејќи просторот се користи и за настава. Секој што сака да ја види енергијата на младите дизајнери, треба да помине овие неколку дена низ факултетот – вистинска креативна лабораторија.





Рацин: И за крај, што мислите дека ќе биде иднината на индустрискиот дизајн?
Џокиќ: Верувам дека иднината е во материјалите и нивната одржливост. Металот секогаш ќе биде присутен, но сè повеќе ќе истражуваме материјали што можат локално да се произведуваат, да не создаваат отпад и да може да се компостираат. Мицелиумот, на пример, материјал добиен од печурки, е голем хит во светот – би сакала и кај нас да имаме услови за такви истражувања. Секој нов материјал е нова приказна – и нова можност за креативност.

