Јерликаја: Од падот на режимот на Асад од Турција во Сирија се вратиле 550.000 бегалци

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) вчера објави дека вкупно 1,16 милиона Сиријци се вратиле во својата земја од 8 декември минатата година.

Од падот на режимот на Башар ал-Асад, во декември минатата година, во Сирија од Турција се вратиле 550.000 сириски бегалци, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Според турските власти, речиси 2,4 милиони бегалци од Сирија се уште се во земјата, а за време на најжестоките конфликти во сириската граѓанска војна, во Турција имало повеќе од 3,5 милиони.

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) вчера објави дека вкупно 1,16 милиона Сиријци се вратиле во својата земја од 8 декември минатата година.

Комесаријатот додаде дека речиси два милиона внатрешно раселени лица во Сирија се вратиле во своите домови.

Според УНХЦР, се уште има околу 4,5 милиони бегалци надвор од Сирија, додека повеќе од седум милиони Сиријци се уште се внатрешно раселени.

Граѓанската војна во Сирија избувна по задушувањето на востанието од 2011 година од страна на режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад, што предизвика милиони луѓе да ја напуштат Сирија.

Војната заврши во декември 2024 година кога исламистичката коалиција под водство на Ахмед ал-Шара, познат и по воениот прекар Абу Мухамед ал-Џулани, ја презеде власта во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен