Синдикатите не смеат да прифатат никакви договори за наводни зголемувања на минималната плата, а за возврат да се тргнат одредби од Општиот колективен договор. Ако евентуално го прифатат дoговорот, синдикатите ќе си ја исечат гранката на која седат – ќе си ја намалат моќта, без притоа да имаат било каква гаранција дека Владата ќе си стои на зборот за идните покачувања на платата, вели универзитескиот професор Бранимир Јовановиќ во изјава за Проверено.
– Дури и да ги стават тие покачувања во закон сега, тој закон утре може да се смени, и синдикатите ќе останат извисени. Така што, синдикатите не смеат да прифатат никакви дилови за идни божемни покачувања на минималната плата како возврат за тргање на некои други одредби. Мора покачувањата да бидат сега, и не смее да има никакви други услови, предупредува професорот Јовановиќ.
Ова, според Јовановиќ, се прави од две намери. Првата е како што вели народната – раздели, па владеј, односно да се разбие синдикалното единство, да се намали нивната моќ за полесно да може да се манипулира, а втората е да се постават свои синдикати како грански, кои потоа ќе прифаќаат помало зголемување на платите.
– Главната цел му е да го ослабне и преземе синдикалното движење. И затоа мислам дека Сојузот на синдикати и другите поголеми синдикати, не смеат да наседнуваат и мора да останат здружени затоа што само додека се здружени, можат да опстанат, оценува Јовановиќ.
Понудата на премиерот Мицкоски за етапно зголемување на платата на државните службеници за 40 проценти, според Јовановиќ, е обид да се ублажи незадоволството кај работниците по протестот што го организираше ССМ, а кој беше масовен и на кој граѓаните недовосмислено ги поддржаа барањата на Синдикатот.